За претседателот на Бугарија Румен Радев прв и многу важен чекор е одлуката на Владата на Македонија да го прифати предлогот за измени на Уставот, во кои ќе бидат регистрирани и граѓаните со бугарска самосвест, пренесуваат бугарските медиуми.
„Конечно, прашањето за гарантирање на уставната рамноправност на Бугарите во Република Северна Македонија е помрднато. Ова прашање првпат го поставив пред точно две години, кога ги повикав сите европски институции, лидерите на европските земји, за гарантирање на правата, човековите права на луѓето со бугарска самосвест и за нивно вклучување во Уставот“, рече Радев.
Тој изрази загриженост што бугарските власти не реагирале на Декларацијата на Бундестагот со која се признава македонскиот јазик и идентитет. „Очигледно, со помош на лобирање од Република Северна Македонија, била подготвена таква декларација. Морав повторно да испратам писма до сите европски лидери бранејќи ја нашата позиција. Навистина, Владата мора да вложи максимални напори, бидејќи во овие протоколи се следните чекори. Тоа се јазикот на омразата, медиумите, учебниците, натписите во музеите, отворањето на архивите на УДБ и рехабилитацијата на сите репресирани“, рече Радев.