петок, 18 октомври 2024
Интервју

Раде Силјан: Како туѓинци во својата земја живееме со чувство на загроза

Ова е време на отуѓеност, разочарување, апатија и безизлезност, во кое сме како туѓинци во својата земја, кога некои натрапници присилно го менуваат името на Татковината. И, за жал, се гордеат со таа заблуда, велејќи дека тоа го посакал македонскиот народ! Но, лудоста и глупоста се безгранични, па тие бездарници сакаат поразот да го прогласат за победа, вели поетот Раде Силјан чија „Матица македонска“ успешно го презентира македонското творештво од некогаш до сега. Силјан ги потсетува политичарите на големината на македонската култура зашто, кога тие повторуваат дека јазикот е заштитен, а идентитетот бетониран, тоа говори дека тие не веруваат  во сѐ што е создадено на македонски јазик па повеќе наликуваат на градежни работници, отколку на одговорни луѓе.

Објавено на

часот

Сподели

„Матица македонска“ е влезена во четвртата деценија од своето основање, што се случи пред референдумот за осамостојување на Македонија. Верувавте ли тогаш дека ќе успеете како приватник, веројатно прв, во тие околности, со така амбициозен проект oд областа на културата кога наоколу започнуваа војните?

– Во издаваштвото јас влегов со големо искуство, но и со желба да создадам куќа со препознатлив национален белег. Стартував во време кога беше несфатливо да се помисли дека може да се живее од книга. Меѓутоа, годините поминати во „Третата програма“ на Македонското радио, како главен уредник на едно од најдобрите списанија кое излегуваше тримесечно, потоа стекнатото искуство како генерален директор на Издавачката куќа „Македонска книга“ од Скопје, а пред сѐ и мојата возраст, енергичност, посветеност и не е нескромно да кажам и работливост, ми влеваа надеж дека ќе создадам престижна институција. Многумина ме убедуваа да не влегувам во авантура, меѓу кои беше првиот премиер на македонската Влада, академик Никола Кљусев. Како денес се сеќавам кога ми се јави по телефон премиерот и ме покани во неговиот кабинет на разговор, по препорака на академик Цветан Грозданов. Ми предложи советничко место во Министерството за култура. Во тој миг се почувствував почестен од приемот и од гестот, но премиерот се изненади кога му реков дека за таква функција сум многу млад, а веќе имав четириесет години.

По падот на Владата на Кљусев, при нашите средби, ме потсетуваше на таа моја постапка и храброста да се впуштам во издавачката авантура. Но, името „Матица македонска“ мене ме обврзуваше и од денешна гледна точка мислам дека не згрешив. Во работата, многу млади, се вклучија и моите три деца, кои денес го продолжуваат мојот пат и раководат со куќата и со книжарницитеа, на мое големо задоволство, преземаат и покрупни чекори во повеќе области.

Што мислевте тогаш, каде ќе биде и каква држава ќе биде Македонија по дваесет-триесет години?

– Како и сите Македонци, живеевме со идеалите дека ќе градиме држава на здрави темели и ќе го продолжиме патот на нашите предци. Меѓутоа, несоодветната селекција на кадри, посебно на клучните места, придонесе за миг да се раслојат големите комбинати и илјадници работници да останат на улица. Денес можеме да говориме за заблудите и за лошите кадровски решенија од страна на челниците на политичките партии. Во едноумието за да добиеш решение за работа, требаше да поминеш една година како приправник. Дури по полагањето на приправничкиот испит, можеше да се добие решение за редовно вработување. А ние што направивме? Избиравме премиери и министри, на кои тоа им беше прво вработување. Го прифативме непишаното правилото: да следиме неоформени млади луѓе кои раководеа со државата, без никакво искуство ниту во политиката, ниту во економијата, а уште помалку во надворешната политика. Тој тренд (со одредени исклучоци) го продолживме и во новиот милениум, главно со негативна селекција на кадри која, за жал, се прошири речиси во сите институции.

А сега, како да сте загубиле од својот тогашен оптимизам. Во вашите стихови сѐ почесто има мрачни мисли, мрачни очекувања, предупредувачки пораки. Тоа си доаѓа со искуството и со годините или, како на ангажиран писател, тоа се куси досетливи мини анализи на состојбите кои ги набљудувате со една поетска слобода во мислата?

– Авторот никогаш не треба да живее во стаклено ѕвоно. Тој треба да биде буден чувар на својот дух и да го чувствува пулсот на времето. Во моите песни навева чувството на загроза или, како што констатира критиката, тие се пресликана реалност на македонските духовни состојби и премрежиња.

Карактеристична е вашата последна промоција која, патем кажано, помина со забележителен одглас во медиумите и со присуство на бројни ваши колеги, но не и само колеги, туку и луѓе од сите сфери на културата, се разбира и од други категории на граѓани и читатели. Станува збор за „Туѓинец во својата земја“. Се чувствувате како туѓинец и од кога, ако одговорот е потврден?

– Насловот на мојата најнова книга е песимистички и го отсликува сегашново наше време, во кое владее отуѓеност, разочарување, апатија и безизлезност од катадневните состојби. Па, како би можел авторот да се чувствува, кога некои натрапници присилно го менуваат името на Татковината. И, за жал, се гордеат со таа заблуда, велејќи дека тоа го посакал македонскиот народ! Но, лудоста и глупоста се безгранични, па тие бездарници сакаат поразот да го прогласат за победа.

На кој слеп колосек е Татковината, да се послужам со ваш стих во прашањето.

– Подолго време сме оставени на слеп колосек, а секој ден нѐ бомбардираат некадарни луѓе, дека треба да се откажеме од самите себе, од она што се градело и се создавало со векови. За жал и за голема несреќа, многумина посакуваат да го раскинат македонското ткиво и бездушно да нѐ натераат да признаеме дека сме вчерашни. Меѓутоа, ако на политичарите им се брза и секој ден повторуваат исти флоскули, на македонскиот народ не му се брза. Тој го чувствува пулсот на времето, па затоа веќе не им верува на политичарите.

Земја е на многу нешта, земја е на идеали, велите во стиховите, ама Македонија е најголема мака за Македонците. Ги загубивте ли конечно идеалите?

– За Македонците идеалите биле мотив за опстанок и во турско, и во српско, и во бугарско ропство. Нашите предци треба да ги славиме, зашто живееле со идеали и опстојувале на овие древни простори. Ние, во време на етаблирани институции, на самостојна држава, живееме со одредени заблуди, често коленичејќи пред белосветски стројници, кои ни кажуваат како да живееме, но без да почувствуваат колку се болни нивните пораки. Пред сто и дваесет години поетот- идеалист и револуционер Атанас Раздолов, еден од најблиските соработници на Гоце Делчев, во песната „Кој ќе ни помогне“, се обраќа до Македонците, со концизно прашање, но во исто време дава уште поконцизен одговор. Со силни патриотски чувства тој им порачува на следбениците:

„Слобода сакаме –

Народот вика така.

Кој да го слушне кутриот народ,

Бугарија ли? Тракија?

Дали учената Европа,

Којашто гробот нам ни го копа?

Или пак сениште од некој храм

Спас ќе ни донесе нам?

Во втората строфа од песната, Раздолов тревожно заклучува дека:

Бугарија или Тракија

Од друго вино се опија;

А од просветената Европа

Без „Батак“ не ни тропа

И нигде никому чуда

За спас не ни се нудат;

Затоа: кутрете-чинете

И – сами накај правдините!

Ако внимателно се проанализираат пораките на поетот-револуционер, ќе дојдеме до констатацијата дека тој бил пред времето, зашто сегашнава наша ситуација е пресликана во неговите стихови, напишани пред сто и дваесет години. Во времето кога доживеавме ренесанса во сите области, а посебно во литературата, ние им се препуштивме на авантуристите, кои лековерно и неуко се пазарат за сѐ што е со национален македонски предзнак. И, катаден, како навиени го повторуваат рефренот дека го забетонирале идентитетот во меѓународни рамки, како божем, за време на своето школување да не прочитале ниту една книга на својот милозвучен мајчин македонски јазик. Но, сепак, не треба да забораваат на податокот дека во изминативе децении на македонски јазик се објавени илјадници книги од бројни македонски писатели, публицисти и научници. Исто така, илјадници книги од сите светски јазици се преведени на македонски јазик. И, затоа треба да им го поставиме прашањето: Во чие име зборуваат политичарите: дали во име на македонската книга, со која очигледно се скарани од детството.

 

Историјата ни се повторува, зашто како народ малку учиме од неа, мислејќи дека сѐ знаеме и повторно коленичиме пред Бугарија и учената Европа. Катадневно зјапаме во телевизиските екрани следејќи ги мудрословијата на нашите фантазери-политички првенци. Но, еден ден кога ќе разбереме дека за заблудите лек нема, дури тогаш ќе си го поставиме прашањето: Зошто нашите „планетарни“ првенци дијагонално ги читаат историските факти и болно ќе воздивнеме дека за нас и слободата е претешка задача.

Уште и ќе наброите дека имаме море несолено и што уште не, ама дека можеме и без народ да останеме. Дотаму ли дојдоа работите?

– На ова прашање ќе одговорам со стиховите од песната „Лажно време“, напишана во раните деведесетти години од минатиот век: Си имаме море несолено/Си имаме многу татковини/Сѐ си имаме/А утре можеби народ ќе немаме.

Пораките од оваа песна можеби се предупредувачки, а можеби и пророчки. Но, говорат за една реалност, која се случува во последниве децении. Треба да прошетаме низ Мариово, низ демирхисарските села, во славна Дебарца, во Поречието, во струшки Дримкол, Малесијата, Малешевијата и во целата источна Македонија и треба да се молиме на Господа за нов живот и детски џагор.

Тогаш, што може да се стори ако самиот велите во едни стихови дека живееме во круг од идеали и заблуди.

– Навистина, подолго време живееме во круг од идеали и заблуди. И, во време, кога требаше да се будиме со надеж за нов живот, ние западнавме во декаденција. Тоа е опасен процес, кој води кон бездна, од каде што враќање нема.

Како што веќе се обидов да констатирам преку едно од претходните прашања дека помалку оптимизам има во вашите пораки преку песните, пак, што ни кажува огледалото, кога молкот е огледало, како што напишавте?

– Песните се еден вид предупреда на она што нѐ опкружува и што се случува. Тие укажуваат на молкот што завладеа кај многу личности и институции. Нашата рамнодушност е најубаво прибежиште за наконтените челници, кои зборуваат во името на народот, но со нивните постапки често го потценуваат и презираат. Во тој магичен круг главно се движат во еден правец и постојано повторуваат дека јазикот е заштитен, а идентитетот бетониран. Тоа говори дека тие не веруваат (или не сакаат да веруваат) во сѐ што е создадено на македонски јазик, но и дека воопшто не се дружат со книгите на македонски јазик. Кога ги слушам нивните пораки, често помислувам како да се градежни работници, а не одговорни луѓе кои треба да живеат со вредностите на сѐ што е напишано на македонски јазик.

Но, се согласувате ли дека има доста молк во македонскиот книжевен круг? Бевте и на чело на Друштвото на писателите на Македонија. Некогаш, во поранешниот систем во СФРЈ, мој впечаток е, писателите беа многу погласни, а нивната критика на општеството кое го живеевме, или на некои општествени појави, беше сериозно читана и анализирана, гласот на писателите беше слушан, а државните власти беа будни кога вие не сакавте да спиете. Но, пак ќе речам, како во демократијава да се загуби силата на тој збор, на тој глас. Зошто? И вас ли ве поделија партиите и политичарите? Или, проблемот е во медиумите, кои не ги пренесуваат вашите ставови? Всушност, можете ли нешто да сторите „да се смени светот“?

– На писателите приоритетна работа им е литературата. Некогаш го искажуваат својот став и револт со своите нови книжевни дела, но, за жал, малкумина се осмелуваат да реагираат на негативните состојби што секојдневно се случуваат во Македонија. Но, во време на ерозија на моралот, во време кога се распродаваат националните вредности, гласот на писателите како да затаи.

Можеби беше полесно да се критикува во тоа минато, кога се знаеше која е таа една власт, со конкретно име и презиме и со свои цврсти ставови, па и се критикуваше конкретно, а не како сега, кога имате едно политичко шаренило и луѓе од нигденикаде на некакви позиции. Се чини сега како сѐ да е минливо, а живејачката како да е фрлена на тркачка патека. Или?

– Вашето прашање содржи многу прецизна констатација, со која во целост се согласувам. Навистина сѐ што се создало во Македонија, денес е маргинализирано, несоодветно вреднувано. Всушност, како да е запишано на песок, та ветрот утре сѐ ќе одвее. Отапено е сечилото на зборот и неговата сила не допира до ушите на тие што треба да го слушнат.

 

Да се навратам на вашата последна промоција на „Туѓинец во својата земја“. Ви се чини ли дека изостанаа книжевни критики, анализи… Освен извештаи, кои беа бројни во многу медиуми, како да не сретнав новинарски подлабински напишан текст. Демократијата и пазарното стопанство го отапија ли и сечилото на новинарското перо?

– За мојата нова поетска книга се напишани повеќе критичко-есеистички текстови од извонредни познавачи на македонската литература, меѓу кои посебно ќе ги издвојам критичките видувања на академик Витомир Митевски, на Паскал Гилевски, на Иван Антоновски, на Милица Радевска Димитриовска и на Весна Мојсова-Чепишевска. Промотивните активности и новинските извештаи навистина беа бројни и придонесоа за интересот на читателите, па најверојатно наскоро стихозбирката „Туѓинец во својата земја“ ќе доживее и второ издание.

Дел од својот живот поминавте по медиумите. Најпрво во „Детска радост“, „Железничке новине“, па често патувавте за Белград, потоа во „Студентски збор“, во Радио Скопје во „Третата програма“,каде што бевте главен уредник и уредник на списанието, генерален директор на „Македонска книга“. Бевте во еден период професор по новинарство на Интердисциплинарните студии по новинарство при УКИМ. Тогаш имаше солиден интерес за запишување на тој факултет и денес има активни и познати новинари од периодот кога бевте професор. Но, знаете дека денеска интересот за овој факултет е речиси нула. А, од друга страна, има бројни медиуми, впрочем, како да се безброј, односно повеќето се портали. Парадоксално, главно новинарите се без новинарски факултет или со по некоја обука. И тоа ли е една од причините за сѐ поповршното новинарство?

– Тоа беше време кога на Факултетот студираа млади и амбициозни луѓе, вљубени во новинарскиот позив. Денес тоа се профилирани и исклучително ценети новинарски пера и уредници на портали, весници и електронски медиуми. Нивните анализи и коментари се исклучително ценети и почитувани од читателите. Всушност, повеќето од нив прераснаа во вистинска новинарска школа. Но, за жал, во последно време се чувствува дисконтинуитет, така што сите сакаат да бидат видени на телевизиските екрани, ама без соодветна подготовка и наобразба. Повеќето од нив го изопачија македонскиот јазик. Многумина сакаат да држат микрофон в рака, ама прилозите им се недоделкани.

Кои се најкрупните две-три грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години?

– Од многуте крупни грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години, навистина е многу тешко да издвоиме само две до три. Но, сепак ќе посочам три грешки, кои ја обезличија македонската држава. Првата грешка е лошата приватизација, која поради брзоплетоста, неукоста и алчноста на одредени слоеви, остави илјадници луѓе без работа, без основна егзистенција. Пустошот што го направи приватизацијата денес е видлив во сите села и градови на нашава држава. Втората и непростлива грешка е промената на името на државата, а третата, според мене, е лекоумно прифатениот договор за божемно „добрососедство“ со нашиот источен сосед. Но, лудилото е безгранично, па така неуспешниот референдум го прогласија за успешен, а со потпишувањето на „братскиот договор“ се обременивме со многу грижи и, како што мудро вели народот, влетавме како волови во слама. Дозволивме со нашите идентитетски прашања да манипулираат неуки и постојано да повторуваат дека сѐ е бетонирано, пак ќе речам, како божем да се градежни работници, а не одговорни политичари.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Најмногу се гордеам со успесите остварени во литературата, во филмот, театарот, музиката, сликарството… Ако направиме пресек на постигнувањата во овие области, сите треба да се гордееме и да се пофалиме со фактот дека културата е нашиот најдобар амбасадор во светот. 

 

Слушаме дека Македонија е на дното по бројот на прочитани книги по жител во споредба со други европски, па и не само европски земји. Како „Матица македонска“ успева да издаде толку многу книги, домашни, но и бројни изданија од странски автори? Дали не се баш толку лоши состојбите како што мислам?

– Во Македонија се појавија повеќе издавачки куќи, кои жилаво се борат за својот опстанок и развој. Но, сите тие ја делат судбината на исцрпен и парцијализиран буџет што се одвојува за книгата. Всушност, училишните библиотеки замреа, а истата судбина ја делат и градските библиотеки. Сите сме повикани на слободниот пазар и конкуренцијата придонесе за постојано анимирање на читателите. Во клубот на „Матица“ имаме регистрирано 62.000 членови, меѓутоа анализите покажуваат дека многу верни млади луѓе отидоа во туѓина.

Изнесете една своја критика, или став – колкав е македонскиот книжевен опус и што тој значи во светски рамки, зашто неоспорно е дека сме имале и имаме великани, признати, почитувани, читани и преведувани во светот.

– Ако со нешто Македонија може да се гордее, тоа е пред сѐ литературата. Книги од македонски автори се преведени на сите светски јазици. Комуникацијата во овој поглед ја остваруваат индивидуалци, чии дела се вреднувани од странската критика. Во овој поглед државата е многу пасивна и скржава, за разлика од државите во нашето соседство.

                                           Панта Џамбазоски

 

Повеќе за Раде Силјан: Роден е во 1950 година во Жван, демирхисарско. Завршил Филолошки факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како новинар во Студентски збор, Детска радост, Железничке новине и Радио скопје. Бил главен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на издавачката куќа „Македонска книга“. Основач и директор е на Книгоиздателството „Матица македонска“. Во два мандати бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, член е на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Главен и одговорен уредник на едицијата „Македонски искушенија“ и член на Редакцискиот одбор за подготовка на издавачкиот проект „135 тома македонска книжевност“. Почесен член е на Македонското друштво за наука и уметност во Битола. Член е и на меѓународната академија „Махаи Еминеску“ во Крајова, Романија и на Славјанската академија во Варна, Бугарија.

Автор е на стихозбирките: Третиот лик на времето (1975),Сенки на јавето (1980), Гласник (1989), Заѕидување на сенката (1990), Осамен поглед (избор, 1996), Пресликано време (1999), Гласот на предците (2001), Провев во татковината (избор, 2004), Горчлив вилает (2006), Сенки на татковината (2007), Врвови (2008), Кругови (2009), Завештанија (2010), На мегдан за татковината (избор, 2010), Молитвење (2011), Блажена (2012), Сенка на векот (2013), Огледало на вековите (избор, 2013), Молитви, блаженства, сенки (2014), Отворена книга (2014), Молитва за Македонија (2015), Устата на јавето (2017), Бакнежот на судбината (2020) и Туѓинец во својата земја (2023).

Во областа на критиката и есејот ги објавил делата: Пронајден облик (1986), Дијалог со времето (1988), Магијата на зборот (1991), Литературни координати (1999), Македонски писатели и дела кн. 1 (2006), Македонски писатели и дела кн. 2 (2008), Огледи за македонската проза (2010), Огледи за македонската поезија (2010), Текови на македонската литература (2011), Нова и современа македонска поезија (2012), Совршен облик (2014), Автентични гласови (2015) и Предизвици (2020).

 

Ги приредил антологиите: Македонска поезија 19 век (1989), Македонска драма 19 и 20 век (1990), Македонска поезија во 19 и 20 век (1990), Сто години македонска драма (1992), Нова и современа македонска поезија (1996), Модерна македонска поезија (1997), Забранета одаја (антологија на македонскиот расказ, 2004), Македонија пее (2008), Македонската литературна критика (2008), Антологија на балканскиот расказ (2014), Светиот пат( поезија од балканските народи, 2015), Сончево огледало (антологија на македонската поезија за деца, 2016), Македонски писатели за деца (поезија, 2017), Македонски писатели за деца (раскази, 2017) и Современа македонска поезија(2018).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ