вторник, 26 ноември 2024

Професорот Мирко Ѓошевски ја доби наградата „Константин Филозоф“ за животно дело

Филозофското друштво на Македонија годинава по вторпат ги доделува наградите „Константин Филозоф“: за животно дело и за филозофска книга на годината. Комисијата за доделување на наградата оцени дека „д-р Мирко Ѓошевски покажува дека постојаноста, посветеноста и упорноста се значајни за подемот и доблеста на филозофското творештво во полза на поединецот и колективот, студентите и Институтот, како и за севкупното функционирање на општеството во целина.“

Објавено на

часот

Сподели

Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 27 март 2024 год., а пријавувањето на кандидатите на наградата за животно дело траеше до 1 октомври, додека пак за наградата за филозофска книга на годината номинирањето ќе се одвива до 15 јануари 2025 година. Комисијата за доделување на наградите, во состав: проф. д-р Радомир Виденовиќ, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Ниш (претседател), проф. д-р Слободанка Марковска, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Анета Маркоска Чубриновска, вонреден виш истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд (членови) донесе едногласна одлука добитник на наградата за животно дело за 2024 год. да биде проф. д-р Мирко Ѓошевски.

Во образложението Комисијата детално ги потенцира трите суштински одредници за оваа награда истакнати во Конкурсот: (1) вкупниот опус на филозофот во филозофското творештво, (2) филозофското образование и, (3) афирмација на филозофијата во земјата и во странство. Понатаму Комисијата, меѓудругото, посочува и дополнителни увиди: „… Проф. д-р Мирко Ѓошевски е методичен, систематичен, посветен и трпелив филозофски и културен деец. Тој оди по патот што го започна неговиот ментор, проф. д-р Митко Илиевски, незаборавниот македонски Сократ, кој им беше пример на многу генерации студенти. … Доделувањето на наградата ‘Константин Филозоф’ на проф. д-р Мирко Ѓошевски покажува дека постојаноста, посветеноста и упорноста се значајни за подемот и доблеста на филозофското творештво во полза на поединецот и колективот, студентите и Институтот, како и за севкупното функционирање на општеството во целина.“

Мирко Ѓошевски (1948) е припадник на, условно кажано, втората генерација македонски филозофи. Магистерската теза ја брани на Филозофскиот факултет во Белград (1987), додека докторската дисертација на Филозофскиот факултет во Скопје (1994). Целокупната своја професионална кариера ја поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги предава фундаменталните филозофски дисциплини: Онтологија, Теорија на познание и Методологија, како и неколку други предмети. Автор е на четири филозофски книги, како и на голем број статии, огледи и студии, објавени во релевантни домашни и меѓународни списанија, зборници, годишници… Професорот Ѓошевски е раководител на Институт за филозофија (2009–2013), претседател на Филозофското друштво на Македонија (2007–2011)…

Наградата, и оваа година, ќе биде врачена на 21. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, на 21 ноември, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ