среда, 4 декември 2024

Заврши вториот меѓународен фестивал „Јаков од Камена Река”

Во рамки на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“, синоќа во Домот на културата во Македонска Каменица вчера беа промовирани делови од македонскиот превод на „Часослов“ од Јаков од Камена Река, кој се смета за прв македонски печатар.

Објавено на

часот

Сподели

На изложбата беа претставени четириесетина панели со репродукции од оригиналниот текст и компјутерска адаптација на преведениот текст од делото кое било испечатено во 1566 година во Венеција.

Преводот од црковнословенски на македонски е на епископот делчевско-каменички г. Марко, а дизајнот и типографијата ги направи Ласко Џуровски, кој креираше фонт на македонска кирилица.

„Работењето на овој проект беше исклучителна чест, и народски кажано со многу ќеиф пристапив кон оваа работа. Задоволни сме од резултатот што го добивме, секако со поддршка од владиката Марко, на некој начин го оживеавме ‘Часословот’ и тоа може да се види на претставените панели. Тие паѓаат од паноата, што значи дека се живи и како да сакаат дa испратат порака – не само да бидат поставени овде, туку да излезат надвор, светот да ги види, да покажеме што имаме. Сите да дознаат какви се и каде се нашите корени, затоа што имаме факти и ве поканувам ова да го претставиме секаде во светот, за сите да видат кои сме и кон што тежнееме, односно дека не сме дрво без корен, туку сме дрво со длабоки корени#, истакна Џуровски.

Епископот делчевско-каменички г. Марко ја истакна важноста што печатениот „Часослов“ ја имал за развојот на македонската писмена култура, а преку преводот и соодветната типографија е достапен за денешните и идните генерации.

Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ годинава се одржува по втор пат, организатор е здружението „Надеж“ со поддршка од културно-информативниот центар „Романса“ и Општина Македонска Каменица.

На фестивалот доделени се и награди „Јаков од Камена Река“, главно поврзано со делото на Јаков: академик Љупчо Коцарев за особен придонес во науката и зачувување на македонскиот идентитет, проф.д-р Станоја Стоименов, особен придонес во науката и промоција на Македонска Каменица, проф д-р Катерина Тодороска, особен придонес во историската наука, Костадин Танчев – Динката, особен придонес во развојот на графичкиот дизајн, проф. Георги Гоце Дуртаноски, афирмација на македонското писмено наследство, уметноста на убавото пишување (краснопис) и публицистика, д-р Бранислав Светозаревиќ, особен придонес во историската наука и публицистика, Македонската заедница во Чешка, за афирмација на македонското писмено наследство, јазик и литература, епископ Делчевско-каменички г.Марко, афирмација на православни духовни вредност, библиотека „АЛ-БИ“ село Бабино, особен придонес во негување на љубовта кон книгата, Дејан Трајкоски, особен придонес во македонската публицистика и литература и Добрила и Дориaн, за афирмација на современата македонска музика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ