вторник, 22 октомври 2024
По вчерашната одлука на министерот за здравство

Проф. д-р Јовев ќе изнесе оценки за „неоснованото и пристрасно разрешување“, се шири поддршката за него

Објавено на

часот

Сподели

Во јавноста се прошири и информацијата дека пациенти кои биле лекувани од д-р Јовев и членови на нивни семејства и пријатели се подготуваат за протест преку кој ќе побараат одлуката на министерот да не се примени, односно да биде отфрлена од страна на Владата. Исто така група вработени во Кардиохирургија се подготвува да изрази протест со тоа што еден ден ќе бидат отсустни од работните места.

А, преку социјалните мрежи бројни граѓани, познати и непознати во јавноста, изразуваат револт поради одлуката на министерот да разреши лекар кој е познат и признат и надвор од границите на Македонија. Во реакциите, меѓу другото, се наведува и дека токму поради влезеноста на партиите во сите пори на државата и општеството, во случајов и во здравството, стручни и признати кадри заминуваат од земјата и одат таму каде што нивното знаење повеќе се цени и не е зависно од партиската комбинаторика.

Економистот Зоран Јовановски порача: „Да го разрешиш кардиохирургот Јовев, човекот што го предводеше тимот за прва трансплантација на срце во земјава, заради банална причина, е навреда за здравиот разум. Затоа мислам дека за сите нас како граѓани најдобро е ваквата одлука веднаш да се поништи“.

Жаклина Шопова напиша: „Интересни” потези од страна на министер за здравство , после оние негови фамозни изјави што планира да направи за јавното здравство … Дали можеби  сегашниов министер сака нешто да ни навести …или можеби ова е најнова  фамозна мерка на оваа Влада да се ‘превенира’ одливот на медицинскиот кадар! 
П.С.докторите, сестрите, но и   многу други профили оддамна заминаа  и ги примија во ЕУ, ама за  Македонија со ваква Влада  ЕУ е многу, многу далеку“.

„Талибаните по задача ги уништуваат македонските првенци, со цел да ја уништат државата… 
Мавнаа по Милчо Манчевски, по Жан Митрев, по Сашко Јовев, по Пандев, по Венко Андоновски, по Отците… за кратко ќе мавнат по Симон Трпчевски, по Ристановски, по… да беше жив Тоше ќе мавнеа и по него! 
Се е ова осмислено убивање на “македонските живи споменици”… како единствено останат македонски идентитет кој е надвор од институциите кои веќе ги рушат до темел! До пепел!  Македонци, ќе се спротиставиме ли?!?“, напиша политичарот Петар Богојески.

Елеонора Димовска, чиј татко доби срце со последната, осма трансплантација напиша: Ако се прашувате зошто и од каде ми е правото јас да зборувам на темава еве и тоа ќе Ви го кажам, пред 9 месеци беше направена последната трансплантација на срце, а личноста која го прими срцето беше мојот татко. Па оттука можам да зборувам за она што го направил професорот. Од една страна за жал, а од друга за голема среќа долг период секое утро, повторувам СЕКОЕ УТРО по неколку часа поминувавме во просториите на државната кардиохирургија, и сведочевме на ангажираноста на професорот, сведочев дека ниту еднаш не пропушти визита, немаше момент некој од пациентите да го побара, а он да не е присутен, но по зборовите на надлежните, можеби и операцијата на татко ми од дома ја правел, не работел ништо 10 години.

И не, не го кажувам ова за да го бранам професорот, го кажувам ова затоа што не можам да си поверувам каде живеам, во држава каде што се разрешуваат луѓето кои спасуваат животи“.

Професорката Мирјана Најческа: „На секое раководно место мора да биде поставен поглуп, понеспособен и понепрофесионален кадар од министерот. Ова станува се потешка задача затоа што за министри доаѓаат најглупите, најнеспособните и најнепрофесионалните кадри кои може да се ископаат од тињата во државата.
Недостатокот ќе биде надоместен со кадри кои доаѓаат од свежо отворените факултети за штањцање дипломи“

Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии: Срам ми е како функционира примитивното ниво на нашите племенски заедници и страв да не се изгуби власта… има да се остане на власт по било која цена, па и јавно понижување. Има да се знае кој е газда во оваа биртија.  Дали сега ќе го разреши Ковачевски својот министер за здравство?!  Инаку објаснувањето дека докторот спиел 5-10 години го побива фактот дека во 2020 овој доктор предводеше тим кој ја направи првата трансплатација на срце, а до денес се направени уште 8. Ај сеа дајте партиски кадар за директор! СРАМ“!  .

 Александар Стојкоски, лекар и градоначалник: „Со вакви мерки стимулирате само повеќе карти во еден правец надвор од државава! Има разлика“.

„Ако првата трансплантација на срце и уште неколку други кои уследија после тоа, не се резултат и тоа за највисоки почести во државава, онда не знам што е!!! Меџити, добар ли си со глаата?“, прашува актерката Ирена Ристиќ.

Ако се продолжи да се читаат реакции само на Фејсбук, потребно е доста време.

Вчера во ексклузивна изјава за МКД.мк проф. д-р Сашко Јовев рече дека решението за разрешувањето не го примил бидејќи за првпат е на боледување, но дека му било јавено оти е разрешен иако, како што нагласи,  освен партиски побуди на министерот, сигурно дека не постојат други причини бидејќи резултатите од работата самите по себе говорат.

Министерот Фатмир Меџити подоцна изјави дека немал добиено извештај за сработеното од Јовев и дека нема да дозволи да се толерира неработење. Вечерта пак, Меџити рече дека не ја спори стручноста на проф. д-р Јовев зашто во Клиничкиот центар, каде и тој самиот бил лекар „се знае кој колку вреди“.

Колку вреди стручностга на д-р Јовев покажаа осумте трансплантации на срце извршени од тим под негово раководство, со што во март 2020, во екот на пандемијата со ковид-19, тој ја запиша Македонија на мапата на земји во светот каде се извршуваат успешни трансплантации на срце

Проф. д-р Сашко Јовев во саботата ја отвори хибридната сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија и рече дека во иднина тешко болните од срце нема да мора да одат во странство за лекување. Дали на тој свечен наста „нешто пукна“, како што се сомнева професорот, останува да се претпоставува, уште повеќе затоа што министерот не се појави иако премиерот беше присутен.

                                                                                                                                                        П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ