Наќе Чулев, поранешен министер за внатрешни работи до ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека МВР и ДИК се носители на изборниот процес, а учеството на опозицијата во техничката влада е важно поради тоа што на тој начин опозицијата би имала свои контролори и надзор во тоа главно тело за организирање на изборите во рамки на МВР и механизми за да се спречат сите изборни манипулации и изборен поткуп.
„Поради злоупотребата на МВР како логистика за тие изборни нерегуларности или за директно вклучување на начин на кој што веќе се распределуваат полициски службеници, лојални на владеачката коалиција, кои ќе бидат вклучени во тие изборни нерегуларности на соодветни работни позиции, распишани се огласи за илјадници места за прераспоредување пред формирање на техничката влада. Ако не учествуваме во техничката влада, тогаш опозицијата нема да има свои контролори и надзор во МВР“, нагласи Чулев.
Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ исто така смета дека неговата партија треба да биде дел од таа техничка влада, 100 дена пред изборите.
„Влада на чие чело ќе биде Талат Џафери, човек кој го злоупотребуваше европското знаменце за бизнис интереси на ДУИ и СДСМ, доколку е сама ќе прави изборни манипулации. Затоа сметам дека опозицијата треба да номинира министри и заменици министри не за да ја легитимира владата, туку за побрзо да падне оваа власт на СДСМ и ДУИ. Талат Џафери многу пати досега го повредуваше собранискиот деловник и ако ги оставиме сами Македонија ќе се движи кон бројни изборни манипулации“, рече Милошоски.
И Тимчо Муцунски, градоначалникот на Аеродром и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозицијата треба да номинира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, а заменици во министерствата за финансии, информатичко општество и земјоделие.
„Крајната одлука за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува или нема да учествува во техничката влада е одлука која треба да се донесе од органите на нашата партија. Тука мислам на Извршниот комитет на партијата и на Централниот комитет и очекувам дека во следните неколку недели, таква одлука ќе се донесе, односно ќе го види јавноста нашиот конечен став. Мое лично мислење е дека треба да учествуваме во техничката влада. Граѓаните очекуваат промени. За да им го обезбедиме тоа, треба да обезбедиме демократски и фер изборен процес, а за тоа треба ВМРО-ДПМНЕ да влезе во институциите за да можеме да гарантираме дека изборниот процес ќе биде фер, кредибилен“, рече Муцунски.