среда, 4 декември 2024

„Најиновативни“ биле фирмите од Струмица и Тетово, дел од нив поврзани со Заев и Ахмети

Во Фондот за иновации и технолошки развој во моментов актуелни се 18 случаи за кои било утврдено дека не ги исполниле преземените обврски по потпишувањето на договорот со Фондот и земените пари. Тоа значи дека парите биле потрошени, а посочените компании не си ги исполниле обврските. За овие компании веќе се заинтересира и финансиската полиција, а на пошироката листа се вкупно 60 компании кои во последните седум години не постапиле по наодите од извршената ревизија.

Објавено на

часот

Сподели

Или, како што неодамна објави новиот директор на ФИТР, Никола Додов, се работи за вкупно 3,5 милиони евра дадени пари, без извештаи за тоа што било сторено со тие пари. Она што е најинтересно е дека најголемиот број на вакви „иновации“ се од компании регистрирани во Струмица и Тетово, градовите од каде потекнува поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и актуелниот лидер на ДУИ Али Ахмети.  Двете партии беа дел од власта во изминативе седум години.

Сомневањата за тоа како се делеле парите од Фондот за иновации и технолошки развој се бројни. За првпат директор на ФИТР го отвори ова прашање за можни злоупотреби при распределбата на овие државни средства.

Според правилата на ФИТР, секоја компанија која по добиените пари од Фондот остварува добивка, 7,5 отсто од оперативниот профит треба да се вратат во Фондот. Според информации од ФИТР за овие 11 години работа на Фондот, процентот на  вратени пари е еден отсто!

Од оние 18 компании за кои веќе е почната некаква постапка, најчестата причина за поведување на контролата е несоодветното менаџирање со парите, незавршени планирани активности, непочитување на договорни обврски, некоректно трошење на парите, трошење на парите без покритие… На листата се фирми на роднини на премиерот Зоран Заев, фирма (Пиксел) во која премиерот Димитар Ковачевски е косопственик, затворени фирми, компании во стечај…

Тука се и фирмите на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, Тор индустрис и Еверест кои не го извршиле проектот, не поднесувале извештај и префрлале пари на иста фирма во Косово.

Според правниците за ваквите нерегуларности би требало да следуваат кривични пријави за измама и за злоупотреба на службената должност.

Откако директорот на ФИТР Никола Додов ги отвори овие проблеми, поселдните тројца директори на Фондот во изјави за медиумите велат дека работеле според законот и дека нивните ревизии не покажале никакви неправилности.

Јован Деспотовски (директор на ФИТР од 2017-2020) вели дека имале редовни годишни ревизии за работењето, како дел од обврските кон Светската банка. „Ниту една од овие ревизии не покажа недоследности во користењето на средствата. Останувам на располагање на институциите за поддршка во разјаснување на евентуални отворени прашања“, изјави Деспотовски.

„Секој проект одобрен за финансирање во ФИТР е избран од независен Комитет за одобрување на инвестиции според транспарентни и објективни критериуми. Проектите потоа се следени од реномирани ревизиски куќи. Уверен сум дека секоја одлука за време на мојот мандат е донесена строго во согласност со законите. Доколку договорите не се реализирани од страна на примателите на грантовите, постојат правни механизми за да се санкционира истото“, изјави Коста Петров (директор на ФИТР од 2020-2021).

„Тврдењата дека не се работело законски и имало злоупотреба, ги отфрламе како целосно невистинити. Ниту јас како директор, ниту некој од вработените учествувал во процес на евалуација и донесување на одлуки за избор на проектни апликации. Со факти и вистина ќе се спротивставиме на сите обиди, преку дневно-политичка кампања, да се дискредитираат домашни компании корисници што подготвија, кофинансираат и реализираат инвестициски проекти во економијата, како и екипата на ФИТР кои што посветено и транспарентно сме ги извршиле нашите задачи“, вели Фестим Халили (директор на ФИТР од 2022-2024).

На листата на фирмите за кои веќе се води некаква постапка во финансиката полиција се „Пауерад ИНТ“, со седиште во Глобал во Струмица, поврзана со фирмата „Еленица“ на Заеви. Во оваа фирма ревизијата утврдила злоупотреба на државни средства и измама. Не биле спроведени проектни активности. Фирмата три години немала поднесено завршна сметка во Централен регистар.

Со Зоран Заев е поврзана и фирмата „Медија лаб“ со седиште во струмички Глобал. Еден од основачите на фирмата бил токму Заев, но тој истапил од неа. На оваа фирма не им се одобрени извештаите поради незавршување на активностите.

Тука е и фирмата „Еверест ЏД ДООЕЛ“ на Дрин Ахмети. Еден од поголемите „гревови“ на Дрин Ахмети е тоа што префрлал средства на иста фирма во Косово.

Со внукот на Али Ахмети е поврзана и фирмата „Тхор Индустрис“, кај која е утврдено неизвршување на проект и затајување на извештаи.

Со „Тецуп груп“ од Тетово е раскинат договорот поради несоодветно менаџирање со средства од проектот. Купени се машини пред потпишување на договорот за финансирање.

Со „Лемакс-пак” од Струмица раскинат е договорот поради незавршување на активности и несоодветно менаџирање со проекти.

Со „Мелстек солушнс ДООЕЛ“ увоз-извоз Битола од Битола раскинат е договорот поради непочитување на договорните обврски и неспроведување на активности.

„Азза иннова“ од Скопје не ги завршила активностите и тука е регистрирано некоректно трошење средства.

Студиото за убавина „Мираж“ е во стечај и тука директно ќе се поведе кривична постапка за злоупотреба на државни средства и за измама на државни органи…

Она што е исто така индикативно е нотарскиот акт – во дел од договорите склучени согласно Законот за иновациска дејност има извршна клаузула, а кај други правно се извртува и се наведува дека исправата има својство на јавна исправа и е подобна да претсавува извршна исправа без да ја наведе извршната клаузула во нотарскиот акт.

Очигледно е дека овој случај допрва ќе се расплеткува.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ