недела, 20 октомври 2024

Преспанскиот договор денеска на дневен ред на Уставниот суд

Одлука за поништување на Преспанскиот договор, нееднаквоста на граѓаните со обвинителите во кривичната постапка, жалбената постапка на судиите пред Судскиот совет како и начинот на утврдување на референтни цени на лековите се само дел од денешните оспорени правни акти по кои ќе расправа Уставниот суд.  

Објавено на

часот

Сподели

Преспанскиот договор е ништовен, сметаат од Светкиот македонски конгрес и поранешната пратеничка Солза Грчева. Затоа тие од Уставниот суд бараат да ја преиспитаат уставноста на Одлука за прогласување на Уставниот закон за спроведување на Амандманите 33 до 36 на Уставот со кој договорот стана дел од правниот поредок на Македонија. 

„Во иницијативата, која е поднесена од Светскиот македонски конгрес и Солза Грчева, се наведува дека со оспорената Одлука се повредува владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Се спори дека меѓународниот договор не бил потпишан од страна на претседателот на Републиката, туку од министерот за надворешни работи кој според нив не поседува активна легитимација и надлежност. Според наведеното подносителите пишуваат дека меѓународниот договор е ништовен, бидејќи е во колизија со меѓународното право“, пишува во дел од иницијативата.

На дневен ред на судот денеска се и две иницијативи од областа на правосудството. 

Со првата, адвокатите Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска оспоруваат дел од Законот за кривичната постапка (ЗКП) според кој ако на главната расправа не дојде јавниот обвинител, кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна, а главната расправа ќе се одложи. Но доколку на главната расправа не дојде приватниот тужител, иако е уредно повикан, ниту неговиот полномошник, претседателот на советот или судијата поединец ќе ја запре постапката со решение. 

„Според подносители на иницијативата оспорениот член од ЗКП е спротивен на членовите 8, 9, 11, 13, 98, 106 и 118 од Уставот и со него е воспоставен дуализам, се промовира диференцијација во постапувањето на кривичните судови во случај на недоаѓање на тужителот или јавниот обвинител. Се наведува дека член 364 од ЗКП ги доведува граѓаните во дискриминирана, нерамноправна положба во кривичната постапка, без оглед на причините за отсуство на некоја од страните“, информираат од Уставниот суд.  

Втората иницијатива пак се однесува на оспорени делови од Законот за Судски совет., а во врска со надлежноста на советот да одлучува по право на жалба на судии.

„Подносителот наведува дека оспорената одредба е противуставна затоа што Судскиот совет не е суд кој одлучува по жалби на разрешени судии. Се наведува дека не смее со закон донесен од страна на 2/3  мнозинство во Собранието да се уредува постапка во Судски совет, наместо да се одлучува во судска постапка“, пишува во дел од иницијативата.

Судиите ќе дискутираат и по иницијативата за оспорени делови од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, потоа иницијативата со која е оспорен дел од Законот за земјоделство и рурален развој и дел од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година.

На дневен ред се и иницијативата со која е оспорен Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување референтни цени на лекови, оспорената Одлука од 2022 година од Советот на Општина Неготино за Буџетот на општина Неготино за 2023 како и иницијативата со која е оспорен дел од Закон за вршење на сметководствени работи. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ