петок, 15 ноември 2024
Премиерот за состанокот во понеделник

Премиерот очекува договор без уценувања на лидерската средба в понеделник

Објавено на

часот

Сподели

Според Ковачевски, важно е дека Македонија е стабилна држава, држава која сигурно чекори во европските интеграции и затоа заслужува да има редовни избори.

„Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот“, изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по посета на фабриката „АТС АММО“ во Македонски Брод.

Тој потсети дека следната година ќе бидат први редовни парламентарни избори во нашата држава по 2006 година. Финалниот збор за датумот на одржување на парламентарните и претседателските избори, како што рече, треба да го кажат партиите, но според календарот најголема можност за такво нешто е во месецот мај.

„Во однос на нивното одржување, финалниот збор ќе го кажат партиите, но и ако погледнете во календарот, месец мај нуди можност за такво нешто. Притоа треба да се почитуваат и верските празници, бидејќи знаете дека април е месец на Рамазан, почеток на мај е Велигден. Треба да биде определен датум кој ќе одговара и на одржување демократски избори но и на чествување на сите празници кои ги имаме, додаде премиерот.

Според Ковачевски, постигнување на договор на средбата значи дека ќе имаме одржување на избори согласно општо прифатлив Изборен законик, во кој што се внесени препораките на ОБСЕ/ОДИХР, одржување на избори на датум кој обезбедува и претседателски и парламентарни избори во нивен редовен термин, при што нема да претставува дополнителен трошок или дополнителен напор на граѓаните со оглед на тоа дека и администрација и граѓаните учествуваат во овој најважен процес.

„Во однос на техничка влада веќе диференцираат ставовите. Техничка влада е донесена како резултат на лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ, таа се донесе во тешки услови за државата. Од она што може да се види во јавноста, не постои консензуално расположение за нејзино укинување сега на краток период пред одржување на изборите, но секако дека постои расположение да биде укината со важност од следните избори. Но, тоа не треба да претставува пречка во однос на одржување на изборите бидејќи претставува уште поголем демократски амбиент, имајки предвид дека на опозицијата ѝ беше понудено да учествува во Владата зраади продолжување на европскиот пат“, рече Ковачевски.

Во врска со уставните измени и што доколку не се донесат до крајот на годинава Ковачевски рече:

„Дневниот ред е изгласан и се отвори дискусија во која што сите граѓани се уверија дека немаше ниту една забелешка во однос на поднесените амандмани. Ако имаше забелешка во однос на поднесените амандмани, дискусијата уште ќе траеше. Амандманите беа подготвени од страна на врвни експерти во комисијата формирана од Владата преку Министерството за правда, а имаше дополнително и претставници на политичките партии. Единствено опозициската политичка партија не сакаше да учествува. Тие всушност не сакаат да учествуваат во ниту еден процес. Тие не учествуваат ниту во тоа што им е работа“.

Тој останува на ставот дека по 31 декември процесот не се затвора. Како што рече, тој процес е отворен и ќе биде отворен се додека не биде реализирана обврската која што Македонија ја има согласно преговарачката рамка и согласно заклучоците на Собранието, кои се донесени со мнозинство по број на пратеници од доминантниот број на политички партии во државата.

„Дента кога ќе станеме членка на ЕУ во 2030 година, ќе направиме настан на кој што нашите граѓани ќе можат да ги соберат пасошите кои што ги имаат земено од други држави за да можат да работат во ЕУ и да им ги вратиме, бидејќи нашиот пасош ќе ги има звездите на ЕУ, рече Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ