„Пријавениот се терети дека со отфрлањето на над 2.400 амандмани поднесени при второто читање на новиот собраниски Деловник го сторил делото кое му се става на товар – свесно оневозможувајќи го пратеничкото право на писмено поднесување и усно образлагање на поднесените амандмани на пленарна седница на Собранието. Со ова свое недозволиво, арбитрарно и самоволно дејство тешко ги повредил уставните, законски и деловнички права на пратениците кои им се загарантирани во легислативната парламентарна постапка, како овластени предлагачи на закони и други општи акти, со што таксативно се исполнети сите законски услови за кривичен прогон против пријавениот.
Ја известуваме македонската јавност дека до завршувањето на мандатот на овој најконтроверзен претседател на Собранието на независна Македонија, правниот тим на Левица ќе поднесе уште најмалку три кривични пријави за различни кривични дела против службената положба и овластување, а нивното процесуирање ќе биде услов на партијата за учество во која било идна Влада на Република Македонија“, соопшти Левица.