среда, 11 декември 2024

АП: Европските лидери во Будимпешта го проценуваат влијанието на Трамп

Околу 50 европски лидери вчера повикаа на посилен однос на континентот кон одбраната, во кој повеќе нема да има потреба од фундаментална зависност од Вашингтон, притоа претпазливо упатувајќи му добредојде на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, пишува агенцијата АП во извештај од средбата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На самитот на европската политичка заедница што се одржа денеска во главниот град на Унгарија повторно беа проценувани трансатлантските односи со надеж дека во вториот претседателски мандат на Доналд Трамп ќе се избегнат несогласувањата што постоеја за време на неговиот прв мандат.

„Тој беше избран од американскиот народ. Тој ќе ги брани американските интереси“, рече францускиот претседател Емануел Макрон пред толпата, додавајќи дека не треба лидерите на Европската Унија „да го коментираат изборот… и да се прашуваат дали е добар или не“.

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат на изборите одржани во вторникот во САД ја победи демократската претседателска кандидатка Камала Харис.

Еден по друг, европските лидери велеа дека треба да ги засилат одбранбените напори.

На крајот од самитот, чиј домаќин беше унгарскиот премиер Виктор Орбан, тој рече дека „има согласност дека Европа треба да преземе поголема одговорност за обезбедување мир и безбедност“. „Да го кажам ова подиректно, не можеме да чекаме Американците да нѐ заштитат“, рече Орбан.

За време на својот прв претседателски мандат, од 2017 до 2021 година, Трамп силно вршеше притисок врз сојузниците во НАТО да трошат повеќе за одбрана, да потрошат повеќе од двата отсто од бруто-домашниот производ што ги одредува Алијансата и да бидат помалку зависни од американската воена поддршка. Таа порака е целосно разбрана.

„Тој беше единствениот во НАТО што нѐ охрабри да отидеме подалеку од два отсто. И сега, благодарение на него, НАТО, ако ги исклучите бројките за САД, е над два отсто“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека 27-те членки на Унијата се согласиле континентот да стане помалку зависен од САД.

„Треба повеќе да бидеме господари на нашата судбина“, рече Мишел.

„Не поради Доналд Трамп или Камала Харис, туку за нашите деца“, рече тој.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис смета дека е време ЕУ да се разбуди од својата геополитичка наивност и да сфати дека треба да одвои дополнителни ресурси за да може да се соочи со големите предизвици.

„Тоа е прашање на конкурентност и европска одбрана“, рече тој.

За време на својата изборна кампања, Трамп изнесуваше различни закани – од трговска војна со Европа, до повлекување на САД од обврските кон НАТО и фундаментална промена во поддршката за Украина во војната со Русија – прашања што би можеле да предизвикаат нарушувачки последици за земјите низ Европа, пишува агенцијата АП.

„Се разбира дека тој кажа многу работи за време на кампањата“, изјави холандскиот премиер Дик Шоф, додавајќи дека верува оти сите овие работи нема да се појават во официјалната политика на Трамп.

„Трансатлантската соработка е од клучно значење и за американските и за европските интереси“, рече холандскиот премиер.

Засега европските лидери се надеваат дека новиот почеток носи ветување за полесни односи, оценува АП.

Руте, кој беше холандски премиер за време на првиот претседателски мандат на Трамп, рече дека соработувал многу добро со него во текот на четирите години.

„Тој е многу јасен за тоа што сака. Разбира дека треба да имаме контакти едни со други за да дојдеме до заеднички ставови. И мислам дека можеме да го направиме тоа“, рече Руте.

Руте инсистираше дека предизвиците што ги поставува Русија во Украина влијаат на двете страни на Атлантикот.

„Русија ѝ доставува најнова технологија на Северна Кореја во замена за севернокорејската помош во војната против Украина. А тоа е закана не само за европскиот дел на НАТО, туку и за Америка“, изјави Руте по пристигнувањето на самитот.

Во текот на кампањата Трамп изјави дека доколку биде реизбран, во еден ден ќе ја заврши војната во Украина, која трае повеќе од две и пол години. Украина, и многумина во Европа што ја поддржуваат, стравуваат дека тоа значи мир под услови поволни за рускиот претседател Владимир Путин, а кои вклучуваат предавање територија.

Европските сојузници во Алијансата се надеваат дека ќе го убедат Трамп дека ако помогне да се преговара за каков било вид мир, тоа треба да се направи од позиција на сила, за Украина и за САД.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа телефонски разговараше со Трамп и им рече на новинарите во Будимпешта дека Европа и САД си се потребни еден на друг за да останат силни.

„Тоа беше добар продуктивен разговор. Се разбира, сè уште не можеме да знаеме какви ќе бидат неговите конкретни постапки. Но се надеваме дека Америка ќе стане посилна. На Европа ѝ треба таква Америка. А на Америка ѝ треба силна Европа. Тоа е врска меѓу сојузниците што мора да се цени и не смее да се изгуби“, рече Зеленски.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, домаќин на самитот и жесток поддржувач на Трамп, вчера изјави дека веќе разговарал по телефон со новоизбраниот претседател и најавил дека имаат „големи планови за иднината“.

Со Трамп разговараше и италијанската премиерка од екстремната десница Џорџа Мелони, која го пофали „длабокото и историско стратегиско партнерство што отсекогаш ги врзувало Рим и Вашингтон“.

Тоа партнерство беше под постојан притисок за време на првото претседателство на Трамп, според АП.

Администрацијата на Трамп воведе царини за челик и алуминиум од ЕУ во 2018 година, тврдејќи дека странските производи, дури и оние направени од сојузниците на САД, претставуваат закана за националната безбедност на САД.

Европејците и другите сојузници возвратија со царини за американските мотоцикли, бурбон, путер од кикиритки, фармерки и други производи.

Во една и онака комплицирана ситуација во Европа, Германија, првата економија во ЕУ, падна во политичка криза кога канцеларот Олаф Шолц го разреши својот министер за финансии и предизвика колапс на својата владејачка коалиција, пишува АП.

Шолц, кој поради кризата остана во Берлин, ќе води малцинска влада.

Превирањата укажуваат на предвремени избори за неколку месеци и уште една пресметка меѓу охрабрените екстремно десничарски партии и партиите на естаблишментот во Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ