„Фактот што САД избраа претседател што ќе има конкретни идеи за најважните сценарија во светот, во Украина, на Блискиот Исток и во односот со Кина, бара од Европејците јасно да ја разберат својата мисија. А нивната мисија, најважната мисија, е да ја изградат Европа како сила, како суверен ентитет, способен да дејствува, не препуштајќи му ја нашата безбедност на некој друг, бидејќи никој друг нема да се грижи за нашата безбедност“, рече Борел.
Борел додаде дека ЕУ мора да се грижи за својата независност, економската безбедност и односите со Кина.
„Сето ова бара еден и поважен збор: единство за изградба на посилна Европа“, нагласи Борел.
Воедно, тој најави дека во наредните денови ќе ја посети Украина за да види со украинските власти како ЕУ може да ја продолжи поддршката за таа земја и додаде дека ЕУ сака да им остане силен партнер на САД, но дека мора да изгради сопствени капацитети.
„Што и да се случи во САД, ние имаме свои интереси, ги имаме нашите вредности“, им рече Борел на новинарите пред вториот ден од неформалниот состанок на шефовите на држави или влади на ЕУ во Будимпешта.
Тој истакна дека единствениот рецепт за опстанок на Европа е да биде пообединета и да се изгради посилна и посуверена Европа, способна да се соочи со предизвиците во светот, без да му ја препушта својата безбедност на некој друг.
„Мораме да ја обезбедиме сопствената безбедност, секако сметајќи на НАТО, но градејќи повеќе капацитети. Јасно е дека Европејците мора да градат сопствена безбедност“, рече Борел.
Тој додаде дека оваа безбедност бара повеќе инвестиции во одбраната, но и во технологијата, за да се обезбеди независност и суверенитет на ЕУ.
„Ако не сте на масата на геополитичката игра, ќе бидете на менито. Истото може да се каже и за Украина. Украина мора да биде на масата, а не на менито“, рече Борел.
Тој оцени и дека ЕУ мора да продолжи да ги поддржува суверенитетот и независноста на Украина.
„Рецептот за иднината на ЕУ е единство. Сакам да инсистирам на тоа, за да можат да се соочат со сите предизвици“, рече Борел.