По убедливата победа на стартот против Валур, Вардар доживеа тежок пораз на гостувањето кај Мелсунген. Црвено-црните во битката за првите две позиции мора да го совладаат Порто. Тренерот Недановски е оптимист во пресрет на мечот во кој фаворитската улога ја има португалскиот тим.
„Знаеме колку е важен мечот со Порто за да ја поминеме групата. Во првото коло имавме добро издание пред домашна публика, а потоа во Мелсунген не беше како што посакувавме и загубивме убедливо. Тоа е веќе минато, размислуваме за дуелот со Порто, анализираме и тренираме за средбата. Тие се квалитетен тим кој десет години игра во Европа и Лигата на шампионите, а оваа година и во Европската лига. Добро се покриени на сите позиции со квалитетни играчи. Свесни сме и зрели колку овој натпревар значи за Вардар“, вели тренерот Владо Недановски.
„Нема штедење и размислување, една и единствена опција е победата. Предноста на Порто е тоа што играчите им се искусни во Европа, што не е случај во нашата екипа. Мора да сфатиме дека освен три-четири играчи во овој Вардар останатиет се млади и играат првпат во Европа. Најголемата опасност од Порто доаѓа од среден бек, како и нивните кружни напаѓачи кои се крупни и прават проблеми. Имаат добар голман и играат брз и модерен ракомет. Денес ќе доработиме на тренинг како може да се подготвиме за добар резултат“.
На прес-конференцијата беше и ракометарот Марио Танкоски кој смета дека ова е најважниот меч за Вардар во оваа фаза од Европската лига.
„Нè очекува многу важен натпреварот со Порто за пласман во наредната фаза на ЕЛ. Според сите нас, ова е најважниот меч за нас и единствена опција е да го добиеме. Со победа нема да бидеме сигурно во следна фаза, туку правиме голем исчекор кон нокаут рундата, а тоа е наша цел. Имаме шанси за да ја исполниме целта и покрај повредените играчи. Годинава немаме загубено меч во Јане Сандански и се надевам дека тоа ќе продолжи така“, рече Танкоски.