четврток, 24 октомври 2024

Политико: ЕУ во декември ќе објави почеток на преговори со Украина „дури и ако не се исполнети условите“

Европската Унија се подготвува веќе во декември официјално да го објави почетокот на претпристапните преговори со Украина, пишува порталот Политико, повикувајќи се на дипломати во Брисел што знаат за планот.

Објавено на

часот

Сподели

Според тројца неименувани дипломати, лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ имаат намера да „дадат зелено светло“ за почеток на преговорите со Украина пред крајот на годинава.

Во јуни Украина доби статус на кандидат за членство во ЕУ, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во својот годишен говор во Европскиот парламент во септември рече дека иднината на земјата е во Унијата.

Во ноември Европската комисија треба да објави извештај за напредокот на Украина и другите земји кандидати, меѓу кои и земјите од Западен Балкан и Молдавија.

По усвојувањето на извештајот, Европската комисија ќе издаде соопштение дека „за земјите-членки ќе биде многу тешко да кажат: ‘Не сакаме да ги отвориме преговорите’ со Украина“, рекол дипломат што не сакал да биде именуван.

„Сегашната претпоставка е дека Советот на ЕУ ќе донесе одлука за отворање преговори до декември“, додаде дипломатот.

Сепак, одлуката за отворање на преговорите на ЕУ со Украина носи политички и правни проблеми, пишува Политико. За да ги започне преговорите, Украина мора да исполни голем број услови поставени од Европската комисија, вклучувајќи ги судските реформи и борбата против корупцијата.

До август, според признанието на нејзината сопствена влада, Украина исполни два од седумте услови.

Лидерите на ЕУ сè уште планираат да направат своевиден преседан на самитот во средината на декември и да одобрат почеток на преговорите, дури и ако не се исполнети сите услови за тоа, рекол друг неименуван дипломат за Политико.

Според него, формално-правната одлука за почеток на преговорите би можела да биде донесена во почетокот на 2024 година.

Трет функционер рекол дека во декември лидерите на ЕУ ќе „испратат позитивен сигнал“ за идниот прием на Украина.

Запрашан за напредокот на Киев во исполнувањето на седумте критериуми на Европската комисија, тој рекол дека напредокот е охрабрувачки и дека во моментов се чини проблематичен само критериумот поврзан со националните малцинства.

ФТ: Влегувањето на Украина во ЕУ ќе му даде право на Киев да повлече 186 милијарди евра од Унијата

Весникот Фајненшл тајмс, пак, пишува дека влезот на Украина во ЕУ ќе му даде право на Киев во буџетски период од седум години да повлече 186 милијарди евра од буџетот на Унијата, што многу досегашни корисници на буџетската помош на Брисел првпат ќе ги претвори во даватели.

Весникот, како што наведува, имал увид во внатрешна студија на ЕУ што е направена врз основа на тековниот повеќегодишен буџет за периодот од 2021 до 2027 година, а во која бил вклучен и дополнителниот трошок што би го предизвикал приемот на Украина, Молдавија, Грузија и шесте земји од Западен Балкан.

Дополнителните трошоци за вклучување на сите девет земји во таканаречената повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ би изнесувале 256 милијарди евра, што значително би го променило финансискиот биланс во Унијата, пишува весникот.

Во однос на сегашниот, буџетот на ЕУ би се зголемил за 21 отсто на 1,47 милијарди евра, што е приближно 1,4 отсто од вкупниот БДП на сите сегашни членки.

Многу земји-членки, кои сега поради послабата развиеност се корисници на буџетските средства, за првпат би морале да уплаќаат во централната каса на ЕУ. Во исто време, значително би се зголемиле исплатите на земјите што најмногу го полнат буџетот – Германија, Франција и Холандија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ