Ли Карсли на привремена основа го презеде кормилото на Англија по заминувањето на Герет Саутгејт и заврши солидна работа.
Вечерва тој се отпиша со стил, „трите лава“ ја совлада Ирска со 5-0 за потврда на првото место во својата група и враќање во најсилната Лига А.
Победникот практично беше решен во период од седум минути на стартот од вториот дел, кога Скејлс направи пенал и заработи втор жолт картон. Кејн ја реализираше најстрогата казна за 1-0, а потоа набрзина паднаа уште два гола, Гордон и Галагер се запишаа во листата на стрелци.
До крајот на натпреварот, Боувен зголеми на 4-0, а конечните 5-0 ги постави Харвуд Белис.
Интересно, за Гордон, Галагер, Боувен и Харвуд Белис ова беа први погодоци во дресот на Англија, и за прв пат во последните 94 години се случува на еден ист натпревар дури четворица играчи да стигнат до дебитантски голови.
На вториот натпревар од Група 2, Грција со 0-2 славеше на гостувањето кај Финска, и преку бараж ќе брка пласман во Лига А.
Во Група 3, Норвешка стигна до убедлива победа од 5-0 над Казахстан, Ерлинг Халанд забележа хет-трик.
Словенија во финишот ја сопна Австрија и одигра 1-1, па Норвешка стигна до првото место и директен пласман во Лига А, додека пак Австрија шанса ќе бара преку бараж.