среда, 11 декември 2024
Сефер Тахири

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Балансерот се укина, политичката фактура ја плаќа Вреди

Уставниот суд го укина балансерот за правична застапеност, со што влијаеше врз позициите на коалицијата Вреди во албанскиот блок. Oсвен редуцирањето на јазикот и застапеноста, кои се поддржани од поголемиот владин партнер, и помалиот партнер ЗНАМ ги поткопува позициите на коалицијата ВРЕДИ во власта.

По речиси 20 години владеење на Демократската унија за интеграција (ДУИ), од кои над 10 со ВМРО-ДПМНЕ (2006 – 2016), а 10 со СДСМ (2002 – 2006 и 2017 – 2024), се случи долгоочекуваната политичка ротација. На власт дојде коалицијата Вреди, составена од неколку партии, а со голема поддршка и на движењето „Самоопределување“ на премиерот на Косово, Албин Курти. Влијанието на Курти врз последните избори беше клучно за формирањето на политичката „коктел“ коалиција Вреди и за нејзиниот резултат.

Вреди ценеше дека вреди да биде во влада со ВМРО-ДПМНЕ, со освоени 14 пратеници, 4 помалку од Европскиот фронт, предводен од Демократската унија за интеграција.

Јазикот нема коски, но политички ’рбет крши

Барањето за употребата на албанскиот јазик во службена комуникација беше едно од основните во 90-тите години, а било дел и од првата програма на Партијата за демократски просперитет (ПДП).

По завршувањето на конфликтот во 2001 година, едно од главните политички контрадикторни прашања беше официјалната употреба на албанскиот јазик. Со амандманот 5, се смени членот 7 од Уставот, во кој се вели:

„На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“

Со новиот Закон за јазиците, усвоен во тензична атмосфера во март 2018 година, се прошири службената употреба на албанскиот јазик. Според законот, „Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања, службен јазик, освен македонскиот, е и албанскиот.“

Најостри реакции од тогашната опозиција, односно ВМРО-ДПМНЕ, имаше околу употребата на албанскиот јазик во судовите, односно при објавување на судските правосилни одлуки и комуникацијата меѓу институциите.

Една од одредбите која предизвика најмногу спротивставувања беше членот 8 од законот. Со него се предвидува двојазични да бидат и униформите на полицајците, пожарникарите и здравствените работници. Ова важи за Скопје и за другите општини каде што Албанците се присутни со над 20 отсто. На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите. Парите не се двојазични, но законот предвидува тие да содржат симболи што го претставуваат културното наследство и на Албанците.

Токму овие три одредби беа повод за поднесување 13 иницијативи со кои се оспорува Законот за јазиците, а Уставниот суд нив ги третира 5 години по поднесувањето.

Законот за употреба на јазиците ќе се најде на разгледување на седница на 11 декември, но има најави дека, поради политичката сензитивност и меѓуетничките импликации, ова прашање ќе се пролонгира. Во одговорот на Уставниот суд се вели дека: „Предметот во кој е оспорен Законот за употреба на јазиците ќе биде ставен на седница на која ќе присуствуваат сите девет судии, со оглед на значењето и интересот во јавноста.“ Но присуството на девет члена тешко дека ќе се оствари, со оглед на фактот дека двајца судии, Осман Кадриу и Насер Ајдари, се спротивставуваат на евентуалната одлука за укинување одредени одредби.

Најавите за оспорување на овој закон го мотивираат лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да ја вжешти реториката. Ахмети порача да не се направи никаков чекор кон менување на законот.

„Денеска е патриотизам да се почитува идентитетот, културата, јазикот на сограѓаните. Не е патриотизам да војуваш и освојуваш, да го смениш Законот за употреба на јазиците. Како се отвора пак прашањето на јазикот?! Ние го плативме со крв! Како се отвораат стари рани кои болат повеќе од новите рани?!“ рече Ахмети.

Премиерот се обиде да смирува, но иако станува збор за предмет кој е во Уставниот суд, тој дава детали за него, а судството треба да биде независно од политиката. „Предметот кој е во Уставен суд не е во врска со Законот за употреба на јазиците, туку само 2 или 3 одредби на законот, за кои Венецијанската комисија даде негативно мислење. Еден од нив е и законот за мајчин јазик на судските рочишта“, истакнува Мицкоски.

На иста линија со премиерот е и неговиот прв заменик, Изет Меџити, според кого: „Зошто ДУИ донесе закон што има проблем со Уставот, ова се проблеми што треба да ги објасни ДУИ.“

Но ДУИ одговори дека, за кратко време на власт, Изет и ВРЕДИ продолжуваат да го уништуваат сето она што е постигнато за Албанците. „Изет побара отчет од ДУИ зошто сме го прифатиле Законот за јазиците таков каков што е. Изет го знае одговорот, бидејќи тој самиот ја предводеше преговарачката група од ДУИ со СДСМ и го презентираше Законот пред претседателството на партијата.“

Иако станува збор за вонполитичка институција, евентуалната одлука на Уставниот суд за редуцирање на употребата на албанскиот јазик ќе ѝ нанесе сериозен удар на коалицијата ВРЕДИ.

Дисбалансирана политичка моќ на Вреди во власта

Како и јазикот, така и правичната и соодветна застапеност е едно од фундаменталните политички барања на албанскиот политички фактор по осамостојувањето. Застапеноста на Албанците во институциите во првата деценија на плурализмот не надминуваше два отсто, а беше и една од главните причини за избувнување на револтот на Албанците во 2001 година, од кои дел го манифестираа со оружје.

Балансерот беше замислен како алатка за да се следи процесот на застапеноста на заедниците.

Но Уставниот суд со одлука го укина, факт кој влијаеше врз позициите на коалицијата Вреди во албанскиот блок. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски рече дека „балансерот, како алатка, е исцрпен“ и оти ги повредувал „уставните одредби за слобода на изразување на националната припадност, достапноста на работно место, како и забраната за дискриминација“.

Укинувањето на балансерот беше дел од определбите на ВМРО-ДПМНЕ. Уште на 18.9.2022, оваа партија побарала „Системот на балансер веднаш да се напушти, вработувањата во администрацијата треба да бидат на стручни и високообразовани луѓе. Досегашниот систем на вработување на администрацијата донесе неквалитет и неажурност, со што се создава голема неправедност и нефункционалност. Антимакедонската СДС и нејзиниот коалиционен партнер ДУИ, го користат овој систем за вработување на партиски послушници.“

И во програмата на Владата 2024 – 2028 се предвидуваше укинување на оваа алатка:

„Целосно почитувајќи го уставниот принцип за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Македонија, Владата ќе ја измени постоечката регулатива, со цел напуштање на алатката ’балансер’ при вработувањата. На овој начин, првенствено ќе се почитуваат личните квалитети, стручноста, компетентноста и мерит-системот при вработувањата во државните институции.“

Делегацијата на Европската Унија во Скопје го потврди фактот дека одлуката на Уставниот суд доаѓа откако Владата ги објави своите намери во однос на „балансерот“. Оттаму велат дека ги очекуваат предлозите за замена на алатката.

Од ВРЕДИ најавија нов закон за правична и соодветна застапеност. Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, на 28 септември оваа година најави дека, на почетокот од октомври, ќе почне јавната расправа за Законот за правична и соодветна застапеност.

Пратеникот на ВРЕДИ Халил Снопче рече дека веќе е формирана работната група за изготвување на законот, во која има претставници од сите партнери во Владата. Претставник на ЗНАМ е самиот министер, господинот Минчев, и досега таа работна група веќе има одржано две средби. Но, движењето ЗНАМ ја демантираше изјавата на пратеникот Снопче дека има свои претставници во работната група и соопшти оти нема информација дека е таа формирана.

Варијантите кои се во игра се: или да се имплементира уставното начело за правична застапеност во постојните закони кои се однесуваат на државната и јавната администрација, или да се усвои посебен закон за прaвична и соодветна застапеност.

Максим максимално го поткопува Вреди

Oсвен редуцирањето на употребата на јазикот и застапеноста, кои се поддржани од поголемиот владин партнер, и помалиот партнер ЗНАМ со неколку чекори придонесува за поткопување на позициите на коалицијата Вреди во власта.

Лидерот на оваа партија, Максим Димитриевски, во јули изјави дека ЗНАМ ќе излезе од Владата ако повторно министрите од ВРЕДИ истакнат албанско знаме. Но, потоа се пишмани и го омекна ставот за употребата на албанското знаме. И покрај неговите претходни изјави, во интервјуто за Алсат вели дека нема намера да ја напушти Владата.

Димитриевски ѝ зададе уште еден удар на коалицијата ВРЕДИ, учествувајќи во промовирањето на книгата на Иван Бабановски со наслов „ОНА – терористичка паравојска во Македонија“. Според реакциите во албанската јавност, Димитриевски учествува во настан кој ја оцрнува поранешната ОНА, 23 години по завршувањето на конфликтот, и покрај фактот што оваа организација беше признаена од меѓународниот фактор.

Лидерот на ЗНАМ, партнер во владината коалиција на земја членка на НАТО, се сретна со рускиот амбасадор, Сергеј Александрович Баздникин, и покрај фактот што земјата е на списокот на Русија за непријателски држави.

„На средбата разговаравме на повеќе актуелни теми, со акцент на изучување на рускиот јазик во основните и средните училишта во Куманово“, информираше кусо Димитриевски. Но, Димитриевски за „Алсат“ потоа пак ретерираше, објаснувајќи дека рускиот јазик се учи повеќе од 70 години во две основни и средни училишта. ВРЕДИ се обиде да го амортизира овој потег на владиниот партнер со локализирање на изучувањето на рускиот јазик, односно со тврдење дека ќе се изучува само во кумановските училишта, а не и во цела држава.

Од почетокот на функционирањето на Владата, ВМРО-ДПМНЕ се грижеше за својот рејтинг, но не и за оној на својот албански партнер, кој е соочен со секојдневни критики и обвинувања од албанската опозиција, предводена од ДУИ.

ВРЕДИ се надева дека ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе изнајде баланс во процесот на распределбата на политичката моќ во Владата и нема да го злоупотребува фактот што во власта не се влезени како победници во албанскиот блок. Напротив, тие  сметаат дека се победници во албанскиот блок поради фактот што се единствената етничка албанска коалиција, додека Европскиот фронт е мултиетничка коалиција, поради фактот што двајца пратеници се Турци, а еден е претставник на македонската муслиманска заедница.

Сефер Тахири

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе победи на избори? Прашај го ЧетГПТ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Славој Жижек

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

Александар Стојановски

Регистар за двојни стандарди

Рајко Пеколски

Надворешни работи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ