Американскиот претседател Џо Бајден се откажа во неделата од кандидатура за нов претседателски мандат и под притисок на своите колеги од Демократската партија ја поддржа Харис како потенцијална партиска кандидатка за соочување со републиканецот Доналд Трамп на изборите во ноември.
На прашањето дали Русија е изненадена од потегот на Бајден, Песков кажа дека настаните во САД во изминатите години ја научиле Москва дека на ништо не треба да се чуди и дека во секој случај Русија има други приоритети.
„Она што се случува во Соединетите Држави во последните години нè научи дека ништо не може да нè изненади. Не бевме многу изненадени“, кажа Песков. Додаде дека за Русија приоритет останува постигнувањето на целите на „специјалната воена операција“ во Украина.
Кремљ не може да процени што би можела да значи кандидатурата на Харис за односите бидејќи Москва досега не забележала нејзин придонес на тие односи освен непријателската реторика, кажа Песков.
Харис повеќе пати му изрази поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски и ја обвини Москва за водење „варварска војна“.
На прашањето дали рускиот претседател Владимир Путин и Харис некогаш се сретнале или имале некакви контакти, Песков кажа: „Да бидам искрен, не можам да се сетам на ниеден контакт меѓу претседателот Путин и госпоѓата Харис“.