Пензионерите се жалат дека претседателката на СЗПМ Станка Трајкова им ги укинува автобусите за денешниот протест. Тие велат дека викендов во општинските здруженија се јавувале луѓе од сојузот за да им прават притисок да не протестираат. Во дел од градовите пензионерите сами барале донатори за да им обезбедат превоз до Скопје.
„Неколку најави имаме дека биле повикувани и им бил откажуван превозот бидејќи автобусите треба да ги обезбеди здружението на пензионери. Има фонд, има членарина и сето тоа. Под разни политички и партиски притисоци на некој му беше одземено тоа право, но ние сепак најдовме и донатори. Дали градоначалници, дали некои фирми, успеавме да организираме 30 автобуси. Имав информација за Свети Николе дека сојузот им ги укинал автобусите, но поради притисокот на членството, повторно им се вратени“, вели Драган Угриновски од иницијативниот одбор на пензионерите
„Од Велес ќе има стотина пензионери. Најголемиот дел ќе бидеме со веќе обезбеден превоз од здружението на пензионери. Што да кажеме, жално е ова што пензионерите во 21 век се принудени да одберат еден начин кој е најмалку популарен кај граѓаните. Велешани како и секогаш ќе бидат сплотени и здружени на протестниот собир во Скопје“, вели Кире Василевски, организатор од Велес
Вчера од СДСМ соопштија дека се грижат за пензионерите.
„СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи постојано презема мерки и решенија за унапредување на животниот стандард на пензионерите. Од 2011 година, па до денес просечната пензија е зголемена за 80 отсто. Во 2016 година последната година на режимот просечната пензија изнесуваше 13.754 денари, а денес во 2023 година таа изнесува 19.106 денари, што е покачување од 40 отсто во време на мандатот на владите предводени од СДСМ. За постојан и навремен раст на пензиите, СДСМ заедно со пензионерите донесе нова методологија со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци“, изјави Љатифе Шиковска, пратеничка на СДСМ.
Пензиите во септември треба да се покачат за над 6% согласно новиот модел на пресметка. Пензионерите се незадоволни и бараат линеарно покачување од 3.500 денари за сите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата.