Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе преземе повеќе мерки за заштита на американските трупи во регионот, ќе обезбеди поголема поддршка за Израел и ќе ги направи САД подготвени да одговорат на оваа криза во развој, рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Таа не даде повеќе детали, но рече дека може да се работи за одбранбени воени капацитети.
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека е многу загрижен за ситуацијата на Блискиот Исток и во исто време го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху брзо да постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа.
Во телефонски разговор вчера, во присуство на потпретседателката на САД, Камала Харис, Бајден го увери Нетанјаху дека САД се посветени на безбедноста на Израел против сите закани од Иран.
Иран и неговите сојузнички групи подготвуваат одговор на убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија во средата, за што палестинската исламистичка група, либанскиот Хезболах и Техеран го обвинија Израел.
Неговата смрт се случи еден ден откако израелски напад го уби воениот лидер на Хезболах, Фуад Шукр во близина на Бејрут.
Тие два напади ги оживуваат стравувањата од ширење на војната на целиот Блиски Исток, меѓу Израел од една страна и Иран и групите што го поддржуваат во Либан, Сирија, Ирак и Јемен од друга страна.