Одлично го започна македонскиот претставник натпреварот и со двата гола на Кузмановски поведе со 2-0, а со тоа како да го најави доброто издание се до завршницата од натпреварот. Се вратија гостите брзо по почетното водство на Пелистер, меѓутоа потоа следуваше серија од 3-0 со која избраниците на Ангеловски поведоа со 5-2.
Спортинг се консолидираше во продолжение и на половина од првото полувреме изедначи на 7-7. Финишот од првото полувреме му припадна на Пелистер, па на пауза имаа водство од 15-13.
Не започна лошо Пелистер и во второто полувреме и во 41. минута ги имаше највисоките на натпреварот „плус четири“ (20-16).
Но, тука како да застанаа ракометарите на Пелистер, не помогна ниту Митревски кој имаше неколку добри интервенции, не функционираше нападот. Како ја одиграа завршницата од натпреварот најдобро зборува податокот што 11 минути од 17-тата до 29 минута не постигнаа гол. Во цело второ полувреме Пелистер постигна девет погодоци, а тоа на крајот сепак беше доволно да се избегне поразот.
Спортинг поведе и со три разлика, но Пелистер на крајот со серија од 3-0 во последните 70 секунди успеа да извлече реми. Херој беше Атанасијевиќ кој постигна гол буквално во последните моменти.
Најефикасни на натпреварот беа Кузмановски и Пешевски по четири гола, а исто по толку на спротивната страна имаа Салвадор и Кошта.