Во интервју за клупските социјални мрежи, Горан Пандев зборуваше за новите моменти во Академија Пандев. Тој веќе не е доминантен сопственик, но останува на претседателското место, новото име на клубот е Академија Пандев Брера Струмица.
„Конечно се завршија сите процедури околу преземањето на Академија Пандев. 90-отсто од акциите на нашиот клуб ги купи Брера Холдинг и од оваа сезона почнува една нова мисија, нов проект кој ќе биде добар не само за струмичкиот фудбал, туку и за македонскиот фудбал. Влегуваат нови луѓе, со нови идеи. Овој проект својот бенифит ќе го даде по 2-3 години, со макотрпна работа, со стручен штаб од Италија, ќе внесеме нешто ново во македонскиот фудбал. Оваа инвестиција која ја прават луѓето од Италија и Америка ќе биде корисна за сите. Ние треба сите макотрпно да работиме, за да им покажеме на луѓето од Америка дека и тука може да се работи професионално“, вели Горан Пандев.
„Јас станав претседател на Академија Пандев Брера Струмица, нашето име си останува, нашиот клуб се ребрендира. Бордот на директори кој е во Њујорк одлучи јас да бидам претседател, со моето искуство, со познавањето на македонскиот менталитет можам многу да им помогнам на луѓето кои доаѓаат од странство“.