Тие тврдат дека постојат знаци на „советизација“ на економијата со многу обележја на поранешен СССР вклучувајќи експропријација на приватен имот за финансирање јавно трошење, „целосно занемарување на социјалната економската добросостојба на населението“ и пренасочување на економијата на војната во Украина.
„Ако Путин остане на овој пат, долгорочната штета за руската економија ќе биде значителна“, наведуваат тие во заедничкиот напис за британски Гардијан.
Истакнуваат дека е неопходно западните демократии да го засилат притисокот бидејќи постои страв дека Русија, доколку утре дојде до прекин на огнот во Украина, би ги искористила следните неколку години за обнова на ослабената економија со цел подготовка за нов напад на Европа.
„Со повторната советизација на економијата Путин ја става на пат кон пропаст. Сега е време Западот дополнително да го засили притисокот. Поддршката на Украина и поткопувањето на руските капацитети за водење војна на секој чекор треба да биде главниот приоритет на секоја демократска земја“, тврдат министрите.
„Претседателот Владимир Путин и неговиот авторитарен режим шират лажен наратив дека руската економија е силна и дека западните санкции не ѝ штетат на нејзината воена машинерија. Тоа е лага која мора да биде демантирана. Всушност, постојат многу знаци дека руската воена економија потклекнува. Санкциите и другите мерки за ослабување на руската економија се ефикасни, но може да се направи уште повеќе. Мораме да продолжиме да го засилуваме притисокот против режимот на Путин и да ја поддржиме Украина“.
Сето ова го тврдат министрите за финансии на Шведска, Данска, Естонија, Финска, Литванија, Летонија, Холандија и Полска, чиј премиер Доналд Тукс претходно изјави дека Европа се наоѓа во „предвоена ера“ слична на онаа од 1938 година. Министрите ги повикуваат своите колеги низ Европа и САД да обезбедат поголем надзор во врска со заобиколувањето на санкциите. Исто така, побараа да поддржат „брза операционализација“ на договорот на Г7 од јуни, со кој би се собрале до 50 милијарди евра во кредити за Украина, користејќи го профитот од замрзнатиот руски имот.
Во вторникот Кремљ соопшти дека ќе преземе законска акција поради, како што наведе, „кражбата“ на руските девизни резерви кои беа замрзнати по почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022.
Министрите повикуваат и на јакнење на санкциите на енергетските, финансиските и технолошките производи кои влегуваат во Русија за да се сузбијат рутите по кои Москва ги заобиколува казнените мерки. Двете страни, и „граничните земји“ и „земјите извори“ на технологија, вклучувајќи многу во ЕУ и САД, треба да „ја продолжат работата на затворање на дупките“ кои овозможуваат одминување на санкциите.
Претходно неделава Британија вети дека ќе помогне во сузбивањето на „фантомската флота“ танкери кои шверцуваат нафта од Русија и ја продаваат по цени повисоки од западните ограничувања од 60 долари по барел, дополнително поддржувајќи ја руската економија.