„Прво, преговарачката рамка е поделена во два дела – општ и специјален дел. Во општиот дел се т.н. општи одредби од преговарачката рамка за коишто ниту се прави писмен извештај од Европската Комисија, ниту е потребно гласање од страна на Европскиот совет, т.е., од стана на земјите-членки на Унијата. Во специјалниот дел се наоѓаат 35-те поглавја, за кои постојат одредници кои мора да се исполнат и за кои Европската Комисија подготвува извештај, а земјите- членки со гласање го одобруваат. Овие одредници се содржани во трите патокази што ќе ги подготвиме после скринингот, а ќе ги усвои Европската Унија. Toa се: патоказ за владеење на право, патоказ за јавна администрација и патоказ за демократски институции. Во еден од овие патокази, патоказот за владеење на право, се наоѓа акциски план за малцинства, за сите малцинства, етнички или неетнички“, наведува Османи.
Она што е поважно, потенцира тој, е што во ниту едно од овие одредници, патокази или скалила во специјалниот дел од преговарачката рамка нема никаква референца или поврзаност со Договорот за пријателство со Бугарија, никакви референци по прашањето на работата на Историската комисија, ниту пак прегледите од член 12 од истиот Договор.
„Напротив – и Договорот за пријателство и прегледите од член 12 од Договорот, како и Договорот со Грција се нотирани во општиот дел од рамката, делот за кој ниту се изготвува извештај од страна на Европската Комисија, ниту претставува предмет на гласање, или одобрување од страна на Советот на ЕУ, односно земјите-членки на Унијата. Тоа не значи дека ние нема да работиме на нивната имплементација, ние секако ја имаме преземено таа обврска, но и тоа ќе го правиме во добра волја, но тие не се одредници за кои ќе се изготвува Извештај или ќе се гласа и оттука не можат да бидат основа за нова пречка на патот“, вели во објаснувањето Османи.