петок, 22 ноември 2024
Интервју

Орце Ѓорѓиевски: Ги решивме проблемите во ЗЕЛС, ќе ги решиме и во Скопје  

Нема да дозволам никакви политички злоупотреби на ЗЕЛС. Политичките манипулации можат да имаат единствено негативен ефект врз граѓаните и нивниот квалитет на живот. Во ЗЕЛС, најважно е единството. Јас лично, како претседател, сум бил во ситуација кога немав добра соработка со одредени министри од претходната власт, но никогаш не ја злоупотребив позицијата ниту пак помислив на бојкот или на напуштање на оваа асоцијација, вели во интервјуто за МКД.мк градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС за актуелните случувања во Заедницата на единиците на локалната замоуправа.

Објавено на

часот

Сподели

Каква е соработката на ЗЕЛС со новата централна власт?

– Соработката на ЗЕЛС со новата Влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски е одлична. За разлика од претходната власт, која беше глува за проблемите со кои се соочуваа општините, сега конечно се отвори простор за конструктивен дијалог и конкретни чекори. Првиот чекор беше потпишувањето на Mеморандум за соработка – историски договор после 21 година чекање, кој ги дефинира заедничките насоки за работа и овозможува вистински партнерски однос. Според мене, тоа е сериозен сигнал дека и централната власт е подготвена за реално партнерство.

Во таа насока, активно се работи на измени во предлог-законот за државни службеници. Претходната верзија беше камен на сопнување бидејќи беше многу нерамноправна во однос на државните службеници од централната и локалната власт. Во моментот, работни групи од Министерството за администрација, претставници од ЗЕЛС и од општинските администрации седнуваат на заедничка маса за да најдат соодветно решение кое ќе ги задоволи сите засегнати страни.

Дополнително, ќе бидат формирани финансиски работни групи со претставници од локалните финансиски сектори, кои ќе работат заедно со централните институции при креирањето на Буџетот за 2025 година. Веќе започна реализацијата и на директната финансиска помош за проектите, при што за прв пат на локално ниво се распределуваат 100 милиони евра, односно 250 милиони евра за четирите години, што овозможува решавање на децениски проблеми на граѓаните во, буквално сите општини. Овие средства се распределуваат правично, а со нив значително ќе се подобри животот на нашите сограѓани.

Искрено верувам дека оваа соработка ќе продолжи и ќе се продлабочи со нови, сериозни проекти кои ќе донесат бенефит за сите жители.

Како се справувате со проблемите кои настанаа во ЗЕЛС и најавите на двајца градоначалници дека ќе ја напуштат оваа асоцијација?

– Како претседател на ЗЕЛС, недвосмислено стојам на ставот дека нема да дозволам никакви политички злоупотреби во оваа институција. ЗЕЛС отсекогаш била платформа каде што политиката се држи настрана, бидејќи единствениот фокус треба да биде на локалните самоуправи, на граѓаните и нивните интереси. Политичките манипулации можат да имаат единствено негативен ефект врз граѓаните и нивниот квалитет на живот. Во ЗЕЛС, најважно е единството. Јас лично, како претседател, сум бил во ситуација кога немав добра соработка со одредени министри од претходната власт, но никогаш не ја злоупотребив позицијата ниту пак помислив на бојкот или на напуштање на оваа асоцијација.

Верувам дека само преку отворен дијалог и конструктивна комуникација можеме да ги надминеме сите предизвици, а овие последни политички турбуленции го потврдија токму тоа. И двајцата градоначалници кои најавија напуштање на ЗЕЛС изјавија дека немаат проблем со институцијата ниту со мене лично, и по остварените средби кажаа дека остануваат дел од нашата заедница. Единството е темелот на ЗЕЛС и не смее да биде нарушено. Секој градоначалник, кога ја добива таа позиција од граѓаните, има обврска да работи и да решава проблеми, а не да се користи со закани, бојкоти или да хибернира, нешто што за жал, токму сега го гледаме во Скопје. Затоа, се залагам за законско решение кое ќе овозможи предвремено отповикување на секој градоначалник кој не си ја врши својата работа, бидејќи интересите на граѓаните мора да се стават на прво место.

Што ќе направите за подобрување на состојбата на општините и процесот на децентрализација?

– За подобрување на состојбата на општините и за ефикасен процес на децентрализација, моите активности се и ќе бидат силно насочени кон воведување на нови електронски услуги и кон финансиско зајакнување на сите општини. Соочувајќи се со актуелните финансиски предизвици, неопходно е да работиме на унапредување на системот на финансирање на локалната самоуправа преку нова методологија која ќе овозможи поправично распределување на средствата од централно на локално ниво, во согласност со европските практики. Сметам дека се неопходни реформи во Законот за даноците на имот, кои ќе придонесат кон крајот на нееднаквиот третман меѓу општинските и државната даночна администрација. На пример, со дигиталниот Катастар опфатот на објекти и земјиште под данок на имот може значително да се зголеми преку податоците кои катастарот ги има на располагање, но поради недореченостите во Законот, овие податоци не се достапни бесплатно за општините.

Со цел за еднаквост пред законот, потребно е секој што поседува недвижен имот да биде праведно оданочен и да се обезбеди еднаков третман меѓу даночните администрации на централната и локалната власт. Поголемата децентрализација на сите нивоа кон која се стремиме треба да биде проследена и со поголем обем на директни дотации и зголемување на изворните приходи за секоја единица на локалната самоуправа.

Уште еднаш, ќе потенцирам дека очекуваме многу од соработката со актуелната Влада, која во својата програма принципиелно се држи до рамномерно развивање на сите региони, што ќе се реализира преку балансирана распределба на средствата меѓу планските региони и општините. Освен континуираното правично инвестирање на средства од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти, најавена е подобрена методологија за пресметка на трошоците за одржување на образовните објекти во општините, согласно со кои им се исплаќаат средства преку блок дотации; зголемување на пренесување на опфатот на надлежностите од државните органи на управата во надлежност на единиците на локалната самоуправа и системски пристап за реформирање на урбанизмот и градежништвото по урнек на најдобрите практики од САД и Јапонија, за дигитализација на процесите.

Вашето име најчесто се споменува како иден кандиддат за градоначалник на Скопје, кои се вашите идеи за поубав главен град доколку седнете на чело на градската администрација?

– Јас во неколку наврати, прашан за ова, сум одговорил дека би бил добар градоначалник на Скопје бидејќи не се плашам од работа. Секако, тоа зависи од повеќе фактори – нашата политичка партија секако ќе има анкети, тука се и телата на партијата и нормално граѓаните доколку одлучат, со задоволство би го прифатил предизвикот.

Да се биде на чело на Град Скопје прво е чест, а потоа и сериозна обврска која за жал, овој актуелен градоначалник ја испушти приликата да се докаже. Видете, на Скопје најпрво и најитно му треба средување на овој хаос во кој се наоѓа. Скопјани се дават во ѓубре, а да не зборуваме за градскиот превоз кој го има толку „често” како секој ден да е државен празник. До мене секој ден пристигнуваат поплаки за ретките автобуски линии, за тоа како луѓето доцнат на работа, а учениците во школо, но за жал од оваа позиција немоќен сум да променам нешто во тој дел.

Во Скопје огромен проблем е и сообраќајниот хаос. Нехумано е граѓаните да патуваат дури по два часа од своето работно место до дома, а вистинската голгота се случува наутро и после 16 часот. За тоа, има решение. Со десеттина кружни текови на клучни места значително би се релаксирал сообраќајот, а со тоа и нервозата на граѓаните кои како превозно средство го користат автомобилот. Потоа, на Скопје му треба и градски воз, проект за кој разговаравме лично со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и има сериозни намери да го реализира во соработка со градската власт.

Со искористување на постојната железничка инфраструктура и возови во Скопје, можеби и нова за поврзување и со аеродромот, граѓаните од населбите кои се подалеку би имале можност и на ваков начин побрзо да стигнат до центарот на градот. На пример, од Драчево до железничката станица во Скопје се стигнува за некои 7-8 минути и тоа би било одлично решение ем за намалување на сообраќајниот хаос, ем за побрзо патување од една до друга точка.

Сум размислувал и за подземна патна мрежа со која би се затворила улицата кај ,,Рекорд” и би се преадаптирала во шеталиште, како и проект за скопското кале кое сега е запуштено и е лоша слика за туристите кои верувајте ги има во огромен број.

Има доста идеи и проекти кои целосно би го смениле ликот на Скопје на подобро, но не би откривал сега во целост. На Скопје му треба посветен градоначалник кој ќе работи во интерес на граѓаните и конечно ќе тргнат работите од место, кој градот ќе го направи метропола рамо до рамо со европските.

Кои се вашите идни поголеми проекти за општината која сега ја водите, Кисела Вода?

– Морам да напоменам дека мој приоритет е да ги исполнам обврските за кои сум се обврзал пред народот. Досега, над 90 проценти од изборната програма е реализирана, а за скоро време ќе биде исполнета во целост, дури и повеќе од тоа бидејќи ова е жива материја и произлегле и други проекти кои се реалзиирале. Решивме клучни децениски проблеми кои граѓаните ги барале над 50 години. Речиси во Кисела Вода и да нема улица која не сме ја реконструирале, а се работи на тоа до крајот на мојот мандат да не постои ниту една неасфалтирана улица.

Работевме на подземната инфраструкура каде жителите во некои населби од општината по 5 децении добија атмосферска и фекална канализација, како и вода за пиење. Изградивме нови градинки, започнавме со изградба на основно училиште, интервениравме секаде онаму каде што никој не се заангажирал во минатото.

Сега, благодарение на Владата на Република Македонија која за првпат од постоењето на општините вложува сериозни средства со кои стимулира развој на истите, Кисела Вода аплицираше и одобрени се четири капитални проекти од суштинско значење за граѓаните. За брзо време, започнуваме со уредување на речното корито на реката Мала Рада, реконструкција на патот кон Пеленица со изградба на пешачка зона и велосипедски патеки, потоа реконструкција на улицата „Ѓорѓи Димитров” со тротоари и џебови за паркирање, како и реконсктрукција на училиштето „Кирил Пејчиновиќ”.

За следната година, сакам да споделам една убава информација и исполнување на долгогодишното барање на сите жители на Кисела Вода, е започнување на изградба на поликлиника во Кисела Вода.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ