„Западот даде инструкции светот да заземе став против Русија и да го поддржи Западот на морално ниво. Во реалноста, напротив, малку по малку, сите ја поддржуваат Русија“, кажа Орбан во романскиот град Баиле Туснад.
Тој напомена дека не е изненаден од поддршката на Русија од Кина и Северна Кореја, но дека го изненадила позицијата на Иран, Индија, Турција и муслиманскиот свет, кои Русија ја сметаат за партнер.
Орбан оцени дека се лаги тврдењата дека Русија е автократија и порача дека таа земја се прилагодила на санкциите, како и дека покажува економска и социјална флексибилност.
„Русија ги научи лекциите од 2014 и не само што ги научи, туку ги претвори во акции. Спроведоа неопходен развој на информатичката технологија и банкарскиот сектор, така што рускиот финансиски систем не се урна. Развија способност за прилагодување“, оцени унгарскиот премиер.
Според него Русија, откако поради санкции ја изгубила можноста да увезува земјоделски производи од Западот, за неколку години станала најголем извозник на прехранбени производи.
„Кога Русија се опишува како тврда неосталинистичка автократија, тоа е лага. Всушност, зборуваме за земја која покажува техничка, економска и, очигледно, општествена флексибилност“, истакна Орбан.
Сè повеќе земји во светот ги отфрлаат таканаречените универзални вредности на Западот, меѓу кои ЛГБТ движењето стана клучно, истакна унгарскиот лидер.
Тој додаде дека токму Русија станува центарот на гравитација на земјите кои не ги сакаат западните вредности.
„Се покажа дека западните вредности, кои беа сметани за универзални, сè повеќе земји од светот демонстративно не ги прифаќаат и ги отфрлаат. Се покажа дека модернизацијата и развојот не се исклучиво западни, бидејќи Кина се модернизира, Индија сè повеќе се развива, а Арапите и Турците стануваат модерен свет кој воопшто не е заснован на западните вредности“, кажа Орбан.
Унгарскиот премиер повеќе пати покажа дека е спремен да застане против доминантните ставови ако верува дека се погрешни, со што го предизвикува гневот на бриселските бирократи, но и на многу европски лидери, кога, на пример, на своја рака замина на „мировна турнеја“, за време на која се обиде да ги смири тензиите и да отвори дискусија за прекин на конфликтот во Украина.