Во дописот на читатели на МКД.мк меѓу другото се наведува дека освен за неподносливата врева, охриѓани и туристите се загрижени и за опасното возење по булеварот Туристичка.
„Вознемирени сме од бучавата од трките кои се одвиваат во утринските часови некаде помеѓу три и пет часот. Интересно, но во тој период речиси и да нема полициски контроли иако во градот има зголемена фрекфенција на возила. Не знаеме на што се должи ова, но се плашиме ситуацијата да не излезе од контрола и да не се случи некоја сообраќајна несреќа“, пишува во дописот од нашите читатели.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски за МКД.мк вели дека е точно дека пред околу две недели се случила дива трка со мотори долж булеварот Туристичка, но дека тогаш полицијата реагирала. Оттогаш друга трка немало.
„Можеби ќе се случи нешто инцидентно, но не како таа трка што се случи пред околу две недели. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, од почетокот на јули, реализира 70 акциски контроли кон возачите на мотори и мотоцикли и по разни основи санкционира 70 мотоциклисти. Меѓу санкциите се и оние поради управување со поголема брзина од пропишаната како и брзото ноќно возење кое предизвикува зголемена бучава во ноќните часови. Целта на акциските контроли е елиминирање на прекршоците кои ги прават овие учесници во сообраќајот и укажување за потребата од подигнување на степенот на безбедноста во сообраќајот и на безбедносната култура кај возачите на мотоцикли. Една од целите е и сузбивање на проблемот со бучавата и заштита на граѓаните од нарушување на јавниот ред и мир, предизвикано од брзото ноќно возење и нелегалните мототрки кои создаваат механички извори на врева во ноќните часови“, вели за МКД.мк, Димоски.
Тој вели дека сообраќајните контроли по овие основи се интензивирани и апелира до сите учесници во сообраќајот, а посебно до мотоциклистите, на доследно почитување на законските одредби за безбедност во сообраќајот со цел елиминирање на сообраќајните незгоди, лична безбедност на мотоциклистите и на останатите учесници во сообраќајот, но и заштита на граѓаните.
„Во пресрет на претстојниот празник Илинден, СВР Охрид презема мерки за зголемување на безбедноста во градот. Ќе има зголемен број на полицајци на приодот кон градот и кон плажите сѐ со цел да нема дивеење на возачите. СВР Охирд ќе има нула толеранција на оние кои ќе возат под дејство на алкохол и наркотици и кон оние кои ќе возат со брзина поголема од дозволената“, вели Димоски за МКД.мк.