Во петок започнува дискусија по која ќе следи гласање за второто најважно прашање за земјава по зачленувањето во НАТО – за приклучување кон напредното европско семејство на држави, вели Османи.
„Во петок вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на ‘пасошизација’ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе“, вели министерот Османи.
Верувам и знам, додава Османи, дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет.
„Во процесот на преговорите имавме за цел да го зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме. Македонскиот јазик за прв пат беше прифатен и гласан во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки и е недвосмислено дел од европските јазици. Овој факт не може никој да го побие“, вели понатаму Османи.
Тој псоочува дека ги разбира сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови и при тоа уверува дека идентитетските и историските прашања не се дел од преговорите.
„Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати, наведува шефот на дипломатијата“, нагласува Османи.