понеделник, 21 октомври 2024
„Сонувам дека ќе престане“

Њујорк тајмс: Безизлезната војна го бледнее моралот на Украина, расте спремноста за преговори

Песимизмот околу изгледите за брза победа се зголемува, а духот од првите денови од конфликтот почнува да бледне, покажуваат анкетите.

Објавено на

часот

Сподели

Слушајќи го секојдневниот татнеж на артилеријата што ги погодува околните градови, директорот на едно училиште во јужна Украина апелира до родителите да донираат за ново засолниште од бомбите.

Еден војник и неговата девојка се откажале од надежта дека војната против Русија наскоро ќе заврши и решиле да се свршат, иако не знаат кога тој би можел да се врати дома.

Една жена, со месеци во депресија поради нестабилноста, решила да престане да се грижи и само да си замислува дека мирот ќе дојде следната пролет, можеби заедно со цветовите.

„Се чувствував толку беспомошно“, вели жената, Тетјана Кукса, која работи на пазар во Киев, главниот град на Украина. „Сонувам дека ќе престане“, пренесува Њујорк тајмс.

Додека украинската армија е заглавена во ровови долж линијата на фронтот и поради чувството дека оружјето од сојузниците дошло предоцна и дека сега ќе почне да се намалува, Украинците се сè попесимистични во поглед на изгледите за брза победа, покажуваат анкетите и интервјуата. Надежта, темелот на борбата на Украина против многу помоќниот непријател, е нарушена.

Резултатот е нација што се подготвува, со некаква трезвена резигнираност, за живот со постојана војна, и без крај на повидок.

Тоа е тренд, а не веење на белото знаме. Огромното мнозинство Украинци остануваат пркосни, го поддржуваат претседателот Володимир Зеленски и имаат доверба во својата војска. Духот што ги натера украинските шанкери, возачи на камиони и универзитетски професори да се пријават во армијата по инвазијата на Русија во февруари 2022 година, сè уште е евидентен секојдневно, вели Њујорк тајмс.

Но неодамнешните анкети покажуваат дека тој избледел од неколку аспекти.

Спремноста за испреговарано решение со Русија се зголеми на мал, но сепак значаен начин за прв пат од почетокот на инвазијата, покажуваат истражувањата на јавното мислење и фокус-групите, искачувајќи се на 14 отсто од 10 отсто, иако огромното мнозинство Украинци сè уште цврсто го отфрлаат тргувањето со територија за мир.

Украинците биле најнадежни, покажаа анкетите, минатата зима, во пресрет на контраофанзивата на југот. Довербата во сите други институции освен армијата оттогаш опадна, според истражувањето на Меѓународниот институт за социологија во Киев, еден од водечките анкетари во земјата. Довербата во владата падна од 74 отсто во мај на 39 отсто во октомври, периодот кога почна украинската офанзива, а потоа згасна, открива институтот.

Последната значајна воена добивка на Украина, враќањето на градот Херсон, беше пред една година. И покрај неколкумесечните крвави рововски борби и десетици илјади жртви, оттогаш малку работи се сменија.

Изминатава недела, главниот воен командант на Украина, генералот Валериј Залужни, даде отворена процена за краткорочните перспективи на земјата, велејќи за Економист дека борбите дошле во „ќор-сокак“. Моторизираните напади пропаѓаат, напиша тој, и без понапредно технолошко оружје, би настапила нова, долга фаза на војна.

Тоа е заклучокот што Андриј Ткачик, градоначалникот на селото Тухлија, во западна Украина, веќе го извлекол откако доброволно се пријавил да ги вози телата на војниците од фронтот до нивните родни места и да ги организира погребите. Во разговорите, како што рече, слушнал за тешки, крвави битки само за држење позиции и за поплаки на војниците уморни од војната дека им недостига муниција.

„Момците кои се на фронтот се физички и психички уморни“, вели Ткачик. „Многу уморни. Оваа војна ќе трае долго“.

„Фрустрацијата се зголемува“, вели тој, а меѓу другото и чувството дека сиромашните селски момчиња умираат додека цивилите од побогатите семејства во градовите наоѓаат начини да го избегнат регрутирањето. Избегнувањето регрутација е во пораст, бидејќи мажите се кријат за да избегнат да добијат повик или се обидуваат да ги подмитат службениците во локалните центри за регрутирање.

„Секое село има гробови“, рече тој. „Ситуацијата е лоша“.

д

Украинците, кои некогаш брзо изразуваа здрав скептицизам за нивната влада, нагрнаа во битка кога почна војната, зголемувајќи ја довербата во Зеленски, армијата и во речиси сите институции на нивната загрозена држава.

И тоа избледува со застоениот воен напредок, секојдневното гранатирање и зголемените жртви.

Довербата во Зеленски, иако сè уште ја делат мнозинството Украинци, опадна, паѓајќи на 76 отсто во октомври од 91-от процент во мај, покажа истражувањето на Меѓународниот институт за социологија во Киев. Други анкети покажаа дека рејтингот на одобрување на Зеленски е 72 отсто.

Само 48 отсто од Украинците велат дека му веруваат на телевизискиот канал за вести што е под контрола на владата, наречен Телемарафон, кој емитуваше оптимистички известувања за воената операција на југот, покажа истражувањето на институтот. Програмата имаше цел да го зајакне моралот на Украинците додека нивната армија се бореше да ги потисне руските сили од брегот на Азовско Море, но нејзиното избегнување на настаните на теренот на крајот предизвика скептицизам кај Украинците.

„Треба да бидеме искрени“, рече во едно интервју Антон Хрушецки, директор на Киевскиот институт. „Луѓето стануваат песимисти“.

Стресот се зголемува, рече тој, бидејќи Украинците сакаат да продолжат со своите животи на безбедно, но не гледаат надежни изгледи.

Распространетото чувство на несигурност во Украина, вели Хрушецки, ги наведува Украинците да бараат некого што ќе го обвинат.

„Луѓето не го опишуваат тоа како неуспех и не ја обвинуваат армијата“, вели Хрушецки за застоениот напор за враќање на територијата или, според зборовите на генералот Залужни, „ќор-сокакот“ во војната.

Но, се зголемува гневот кон владината корупција дома и кон западните сојузници на земјата, кои, според мислењето на Украинците, бавно испорачуваат оружје.

Едно истражување нарачано од Европската Унија покажа дека во текот на минатата година бројот на Украинците што велат дека Западот не сака Украина да победи во војната е двојно зголемен, на 30 отсто од 15 отсто.

Се појавуваат пукнатини и во внатрешната политика на земјата. Оние што го поддржуваат Зеленски се повеќе склони да ги обвинуваат сојузниците, додека политичките противници на Зеленски ја посочуваат домашната корупција.

Во октомври избувнаа мали протести, кои ги открија слабите точки. Семејствата на украинските војници исчезнати во акција ја притискаа владата да им даде одговори на уличните демонстрации во Киев. А во главниот град и другите градови, семејствата на војниците што беа во армијата за време на војната протестираа барајќи од владата да ги изротира подалеку од фронтот. „Време е други да стапат на фронтот“, скандираа тие на плоштадот Мајдан во Киев.

Зад трендот на песимизам во голема мера лежат нарушените очекувања за летен воен успех, покажува анкетата.

По ланската зима во мрак, кога Русија ги таргетираше електричните централи и трафостаниците, што доведе до прекини на струја, Украинците се чувствуваа надежно бидејќи напролет струјата се врати.

„Рековме: ‘Па, успеавме, сè е готово, сега ќе има контраофанзива’“, вели Андриј Љубка, украински романсиер. „Имавме некој инспириран оптимизам“.

Сега, семејствата слушаат од војниците во рововите, каде што ги потопува есенскиот дожд и „животот е како нешто од минатите историски епохи“, дека е тешко и насилно, вели Љубка.

Рововите раѓаат постојан прилив на мртви и повредени. Во нивната најнова процена, американските власти во август рекоа дека околу 70.000 Украинци биле убиени во војната, а повеќе од 100.000 биле ранети. Украинската влада не дава податоци за жртвите.

Многу Украинци панично гледаат на политизацијата на воената помош во САД, Словачка, Полска и други земји.

Почна „фаза на голема вознемиреност“, вели Љубка.

А сепак секоја отстапка за Русија ризикува да остави милиони Украинци под окупација, соочени со потенцијална репресија, апсење и егзекуција.

Во селото Блаходатне, во регионот Херсон во јужна Украина, директорката на училиштето, Халина Болокан, смета дека е доволно безбедно да се отвори основното училиште, и покрај секојдневните експлозии во близина. Но таа се труди да го реновира подрумот како засолниште од бомби, со донации од заедницата.

„Јас користам сила за да извлечам насмевка на моето лице“, рече таа. „Луѓето сега сонуваат за нашето ново засолниште од бомби“.

Серхи Михајљук, војник во силите за воздушна одбрана, еден неодамнешен дождлив и ветровит есенски ден шеташе во Киев со својата свршеница Екатерина Бордјук. „Се разбира, тажна сум секој ден кога тој не е дома“, вели Бордјук. „Но војната ќе потрае многу време, не една или две или три години. Некако се навикнавме на тоа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ