среда, 27 ноември 2024

Норвешка очекува сериозна руска саботажа, Европа би почувствувала тешки последици

Русите во секој момент би можеле да ги саботираат енергетските објекти во Норвешка, што би имало сериозни последици за цела Европа. Ова е предупредувањето што до јавноста го испрати норвешката контраразузнавачка агенција, но и други европски земји, пренесува Ројтерс.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

На состанокот зад затворени врати организиран од норвешката контраразузнавачка служба ПСТ, претставници од Норвешка, Германија, Белгија, Холандија, Финска, Шведска и Исланд разговараа за ризиците од руска шпионажа и саботажа.

Беате Гангас, шеф на норвешката контраразузнавачка служба, истакна дека Русија претставува клучна закана за норвешкиот енергетски сектор. „Кога зборуваме за саботажа, зборуваме за Русија“, рече таа.

Норвешките безбедносни служби претходно ја истакнаа заканата од можни напади врз нафтениот сектор во земјата. За време на неодамнешниот состанок, безбедносните служби на седум европски земји, исто така, ја предупредија Норвешка за заканата што ја претставува Русија за нејзината критична енергетска инфраструктура.

Синан Селен, потпретседател на германската федерална канцеларија за заштита на уставот, истакна дека заканата не ја засега само Норвешка, која е клучен снабдувач со енергија во регионот, туку и цела Европа.

Западните разузнавачки претставници постојано предупредуваат на зголемената закана од руски диверзантски операции низ Европа. Во 2023 година се појавија извештаи дека Русија можеби се подготвува да ги саботира ветерниците, гасоводите и електричните и интернет каблите во водите околу Данска, Норвешка, Финска и Шведска.

Тројца руски разузнавачи беа протерани од Норвешка во април 2022 година, потоа уште 15 во април 2023 година. Разузнавачите беа протерани поради „ангажман во активности што не се во согласност со нивниот дипломатски статус“, соопшти норвешкото Министерство за надворешни работи.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, активноста на руските разузнавачки служби и потенцијалните закани за европската критична инфраструктура, особено во енергетскиот сектор, значително се зголемија. Во овој период, норвешките безбедносни служби редовно евидентираа случаи на сомнителни активности од страна на Русија, вклучително и собирање разузнавачки информации и потенцијални обиди за саботажа на нафтени и гасни постројки.

Норвешките власти постојано предупредуваа на висок ризик од руска саботажа, што може да има сериозни последици за снабдувањето со енергија во Европа. Поради страв од руска саботажа, Норвешка воведе нови ограничувања за влез на Руси. Земјата, исто така, ги зголеми трошоците за одбрана поради веројатноста за руска саботажа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ