понеделник, 28 октомври 2024

Николоски: Власта соочена со изборниот пораз манипулира за да добие некој пратеник плус

Власта соочена со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации, дури и за местото во ДИК кое припаѓа на опозицијата, и тоа не за да победи на избори, туку за да изманипулира за некој пратеник плус, изјави денеска во Кавадарци, пратеникот Александар Николоски, потпретседател на ВМРО -ДПМНЕ. Тој уште кажа дека големите европски центри сметаат дека Македонија не е спремна да ги почне преговорите со ЕУ не поради Бугарија, туку поради високото ниво на криминал и корупција во власта.

Објавено на

часот

Сподели

„Во однос на техничката влада на опозицијата и припаѓаат министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика и три заменички места во финансии, земјоделие и МИОА со врзан потпис. И тука ние сериозно размислуваме каков чекор да преземеме имајќи ги во предвид последните случувања, а тоа е дека власта соочена со нискиот рејтинг и со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник плус“, рече Николоски.

Тој посочи оти јавноста ги следи случувањата со неизборот на член на ДИК.

„Алијанса за Албанците стана член на Владата скоро пред година дена и со тоа го изгуби местото во ДИК. Според закон тоа припаѓа на опозицијата. Според законот, ДИК има 7 члена од кои 4 на власта и 3 на опозицијата. Во моментот тоа едно место е непополнето и сите знаат дека треба да е на опозицијата“, додаде тој. 

Оттука, рече Николоски, самото поигрување со овој процес покажува дека размислуваат за манипулации во изборниот процес.

„И во таа насока треба сериозно и ние како ВМРО-ДПМНЕ како да се поставиме во следниот период. Но, она што можам сигурно да го кажам е дека нема да дозволиме ни еден глас на граѓаните да биде изманипулиран и волјата на граѓаните да биде изманипулирана“ нагласи Николоски.

Тој предочи дека по парламентарните избори одговорност за скандалот со Онкологија ќе има, и обвини дека власта штити веледрогерија. 

Сите се свесни, нагласи тој, дека има потенцијални неправилности, но власта не отвори ни истрага, а најбитната причина зошто не отвораат истрага е, вели Николоски, затоа што сакаат да ја заштитат веледрогеријата која што е еден од најголемите донатори на СДСМ во моментот.

„После парламентарните избори кои што ќе се случат на 8-ми мај, ова ќе е една од првите активности која што ќе ја преземеме за да се побара одговорност во однос на овој случај“, додаде Николоски. 

„Наш план е пензиите да растат и да се зголемуваат, имаме конкретно ветување дека во рок од една година пензиите линеарно ќе пораснат за 5.000 денари по пензионер, што е едно сериозно зголемување во однос на ова што сега го има како пензии“, соопшти Николоски.

Тој уште кажа дека големите европски центри сметаат дека Македонија не е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ не поради Бугарија, туку поради високото ниво на криминал и корупција во власта.

„Зошто го велам ова? Затоа што доколку не беше така, проблемот со Бугарија големите европски сили ќе го решеа за едно претпладне или попладне можеби и толку немаше да им треба, можеби и за час – два ќе го решеа. Ќе отидеше еден висок европски претставник во Софија ќе се сретнеше таму со кого треба да се сретне и проблемот немаше да постои“, кажа Николоски.

Николоски продолжи и додаде дека Бугарија е само добар изговор за 4-5 големи земји членки на Европската Унија.

„Украина имаше проблем со Австрија и Унгарија и делумно со Словачка кои се далеку, далеку помоќни од Бугарија и никој не може да ме убеди дека доколку европските центри сметаат дека Македонија е подготвена, тогаш Македонија нема да почне преговори и очигледно Бугарија се користи како добар изговор, но тоа е причина плус за промени во државата затоа што мора прво да се избориме со криминалот и корупцијата, ако сакаме да не гледаат сериозно и да можеме да чекориме напред“, потенцираше Николоски.

Николоски истакна дека доколку Македонија се избори со криминалот и корупцијата, тогаш првите резултати можат да се видат за 6 до 9 месеци и тогаш комплетно ќе се промени односот кон Бугарија и нема да го има овој проблем во оваа форма во која го има сега.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ