На новинарско прашање Мицкоски денеска истакна дека со големо внимание пристапува во комуникацијата со граѓаните.
„Не, не сум го видел. Инаку, јас дневно добивам многу писма и ги читам, добивам многу пораки, и со големо внимание пристапувам во комуникацијата со граѓаните. Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин, така постапува одговорна Влада. Како што кажа вицепремиерот Меџити ние не играме фудбалчиња, ние работиме и сме одговорни“, рече Мицкоски, кој одговараше на прашања по увидот на работите за изградба на автопатот Гостивар Букојчани на Коридор 8.
Како што соопшти претходно ДУИ, писмото од Ахмети е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој. Ахмети во писмото истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку, се посочува во соопштението, се опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.
ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост во овој критичен период, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети, како што наведуваат од партијата, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.