сабота, 16 ноември 2024
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Несовршеното лице на перфекционизмот

Перфекционизмот можеме да го посматраме како посветена потрага по совршено решение со идеја совршено да решиме некој проблем, од организација на секојдневната животна динамика до решавање на егзистенцијални прашања.

Оваа потрага подразбира константно размислување, анализирање, барање и избор на најдобрата идеја, додека се подразбираат висок естетски и функционален квалитет. Токму поради големиот број параметри што треба да се вклопат, оваа потрага одзема доста време и енергија, а успехот не е загарантиран, бидејќи целта е „совршенство“. Луѓето што бараат совршено решение и што се спремни да вложат доста време и енергија за да дојдат до него околината често ги нарекува „перфекционисти“.

Како перфекционизмот станува наша карактеристика

Клиничкиот психолог Таиби Кахлер го идентификувал поривот за совршенство како еден од двигателите на човечкото однесување, кој се наоѓа во основата на дисфункционалното однесување. Кахлеровиот концепт за двигателите на однесувањето е дел и од Трансакциона анализа, теорија на личност и социјално однесување што се занимава со анализа на меѓучовечките односи.

Двигатели на однесувањето се и пораките што ги добиваме од оние покрај кои растеме, и нашите одлуки во однос на тие пораки, кои ние како многу мали ги вградуваме во себе како стратегии за решавање на проблемите. Со оглед на тоа дека овие стратегии ги правиме со многу малку години и во недостиг од доволно релевантни информации и животно искуство, тие се дисфункционални и попрво придонесуваат кон проблемот отколку кон решението. Овие двигатели автоматски се активираат кога се чувствуваме лошо или неадекватно во врска со себе, со цел повторно да ја воспоставиме својата рамнотежа и чувство на адекватност.

Секој од нас се раѓа и расте во средина што не е во позиција да ја избира. Каква е емоционалната клима во средината во која растеме зависи од однесувањето на возрасните луѓе покрај кои растеме и кои имаат улога да се грижат за нас и за нашите потреби. Вербалните и невербалните пораки што тие ни ги упатуваат играат значајна улога во тоа како се чувствуваме и како се гледаме и доживуваме себеси, нив и светот околу себе. Врз основа на она што ни го говорат и како се однесуваат, ние заклучуваме дали нѐ сакаат, нѐ прифаќаат и нѐ почитуваат или не.

Доколку нашите потреби за љубов, топлина и прифаќање се задоволени, растеме со чувство дека сме значајни, прифатени и сакани. Дека сме доволно добри такви какви што сме и дека самиот факт дека постоиме како такви е доволен за некој да нѐ сака.

Ако растеме проткаени со чувство дека сме несакани и небитни, а дека нашите чувства и мислење не се важни, дел од нас почнува да бара причини за тоа, во надеж дека на тој начин ќе дојде до одговор, а со тоа и до решение на ситуацијата. А тоа е дека ќе успееме да се ослободиме од чувството дека сме несакани и небитни, и дека ќе добиеме љубов, прифаќање, топлина и поддршка. Дека на некои луѓе што се важни за нас и ние ќе им станеме важни и значајни.

Во трагањето по одговори и решение, некои од нас го откриваат перфекционизмот. Барајќи причини за однесувањето што нѐ повредува, може да се случи да претпоставиме дека ние сме одговорни за однесувањето на нашите старатели кон нас – за тоа што не ги уважуваат нашите желби и потреби и што немаат слух за нас. Врз основа на тоа констатираме дека сме неадекватни, дека нешто ни недостига или дека нешто не правиме „како треба“ и почнуваме во себе да бараме недостатоци, мани и грешки за да ги исправиме, во надеж дека така ќе пронајдеме спас од страдањето што го чувствуваме.

„Тие не ме сакаат затоа што не сум доволно добар, но ако се „поправам“ и бидам совршен, тогаш ќе ме сакаат, ќе ме прифатат и ќе ме почитуваат“ е почетна хипотеза зад која се наоѓа претпоставка дека совршеноста ќе ни ги обезбеди љубовта и прифаќањето што сега ни се ускратени поради нашите „мани“ и „недостатоци“. Доколку оваа хипотеза стане наша одлука, перфекционизмот станува наша карактеристика.

Карактеристики на перфекционизмот

„Перфекционистите“ бараат и очекуваат совршенство. Совршено решение, совршен избор, совршен договор, совршена изведба. Кога нешто работат, бараат да се вклопат сите околности, услови и начини. Темелни се, посветени и имаат око за детали. Размислуваат однапред, го земаат предвид целокупниот контекст, предвидуваат потенцијални проблеми и преземаат мерки да ги предупредат. Спремни се да работат напорно и посветено и имаат капацитет да постигнат голем успех. Од друга страна, поради императивот на совршени услови и околности, „перфекционистите“ ризикуваат да бидат неефикасни, да не ги започнуваат работите ако не можат да ги направат совршено или да не го завршуваат започнатото затоа што константно го доработуваат.

Ако перфекционизмот е една од нашите карактеристики, најчесто го доживуваме како силна и тешко запирлива желба кон „може тоа и подобро“. Нашите постигнувања ги третираме како полигон за барање мани додека не изнедриме „натпостигнување“, совршено во секој поглед. На тој начин го негираме и пропуштаме да го видиме она што всушност се случува, а тоа е реалниот успех што го постигнуваме, трудот што го вложуваме, талентот и знаењето што ги поседуваме и вештината со која го применуваме. Во склад со тоа не си дозволуваме себеси да уживаме во она што сме го постигнале, бидејќи наместо успешно остварени цели, гледаме „модели“ за дополнително брусење. За можноста да видиме, чуеме и осетиме позитивна повратна реакција од околината нема ни збор, бидејќи рефлексно ги одбиваме аргументите на соговорникот додека тој на крај и не се откаже.

Високи критериуми и потреба за контрола

„Перфекционистите“ си поставуваат високи критериуми за она што го работат, бидејќи само високиот квалитет ги зголемува шансите за сигурност и успех и истовремено ја намалува можноста за неуспех, болка, загуба и разочарување. Тоа воедно е и еден од мотивите што во кој било облик на соработка од другите луѓе бараат да се држат до високите критериуми што тие ги одредиле. Затоа им е многу тешко кога се во позиција да соработуваат со неистомисленици што немаат исти амбиции и потреби и на кои и просекот им е доволно добар. Од таа причина „перфекционистите“ имаат изразена потреба за контрола, која за нив има заштитна функција.

Успех и задоволство

Луѓето на кои перфекционизмот им е една од карактеристиките како да не умеат да го почувствуваат задоволството од своите постигнувања. Често имаат чувство дека она што го работат не е доволно добро, дека сѐ уште не е време или дека сѐ уште не се спремни за следниот чекор. Тие не живеат во сегашниот момент, туку во своите мисли, во иднината, каде што животот допрва треба да се случи кога ќе се створат совршени услови и ќе се задоволат највисоките критериуми. Го омаловажуваат својот успех така што го „подразбираат“ („Тоа се подразбира“) или го сметаат за „нормален“ („Па тоа е нормално“). Затоа и ретко зборуваат за своите успеси, ги намалуваат, а пофалбите ги одбиваат со „контрааргументи“, кои обично почнуваат со „Да, ама…“. Единствениот успех за нив е постигнување „совршенство“ и веруваат дека ќе бидат задоволни дури тогаш кога тоа совршенство ќе го постигнат.

Секое остварување на зададената цел е успех и тоа е она што „перфекционистите“ одбиваат да го видат и да го прифатат. Ниедно остварување на поставената цел не се подразбира, туку е резултат на добра процена, планирање и посветена и дисциплинирана работа. Никој не стигнал до целта, а претходно да не ја поставил и тргнал кон неа, и на тој пат бил упорен, вреден и истраен. Успех не постигнуваме изолирано од околностите во кои живееме, ниту со цврсти гаранции дека ќе го постигнеме. Токму затоа не постојат аргументи за да го сфаќаме својот или чиј било успех како даден. Секоја остварена цел е успех и многу е важно адекватно да го обележиме и да му дадеме на значење. Да си дадеме на значење себеси, бидејќи ние сме тие што го оствариле тој успех.

Преиспитување на одлуката

Перфекционизмот е порив за совршенство и беспрекорност и одбивање да се прифати кое било ниво на квалитет освен совршеност. „Перфекционистот“ како да подразбира дека совршенството постои и дека е достижно, вообичаено и очекувано. Како тоа да е правило. А не е. Ниту постои, ниту се подразбира, ниту е вообичаено и очекувано, туку токму спротивното. Совршенство не постои. Постојат големи постигнувања и висок квалитет, кои се резултат на голема работа, талент, креативност и посветеност. И тоа е токму она што луѓето на кои перфекционизмот им е една од карактеристиките не умеат или не сакаат да го видат барајќи совршенство. Прво кај себе, а потоа и кај другите луѓе.

Периодот „Кога сме возрасни“ е период кога имаме можност да ја преиспитаме одлуката дека „мора да бидеме совршени“ и дека „совршеноста е услов“ луѓето да нѐ почитуваат, сакаат и прифатат. Доколку ја задржиме и не ја преиспитаме оваа рана одлука, се осудуваме себеси на вечно трагање по нешто што не постои. Може и да ни се случи да го поминеме животот во несвесна и нејасна мисија да станеме совршени и да постигнеме совршенство, а во меѓувреме да пропуштиме да се радуваме и уживаме во она што умееме и можеме да постигнеме.

А тоа дали некои луѓе нѐ сакаат, нѐ почитуваат и нѐ поддржуваат најмалку има врска со нашата совршеност. Поточно, воопшто нема.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Тотална утопија

Нина Л. Хрушчова

Kaко победи Трамп?

Д-р Ристо Цицонков

Греење со дрва, да или не? (1)

Александар Донски

Тројца штипјани биле претседатели на три различни држави!

Ристо Цицонков

Гoдишна конференција за климатски промени, надеж или нова неизвесност?

Катица Ќулавкова

Беседа за раскажувачките мајстории на Оливера Николова

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ