Прашан дали има информации кои лица од неговата партија може да се најдат на црната листа на САД, Ковачевски со одговор дека нема да коментира процеси во кои Владата не е вклучена.
„Не би можел да шпекулирам или да коментирам за процес во којшто Владата на ниту еден начин не е вклучена, така што тоа е прашање што ќе мора да го упатите до оние кои водат такви процеси, а овде се работи за САД. Меѓутоа, Владата во ниту еден момент не е контактирана во однос на ова прашање“, рече Ковачевски.
САД го стави поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа поради вмешаност во значителна корупција. Поточно, како што стои во образложението, тој ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопал довербата на јавноста во владините институции и јавни процеси.
По ставањето на Анѓушев на црната листа на САД, со писмо до јавноста се обрати поранешниот премиер Зоран Заев во кое посочи дека Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во периодот додека тој бил премиер.
„„Анѓушев е мој пријател и соработник кој исклучително го почитувам. Јас го замолив во мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата подршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави“, наведе Заев во писмото.
Фото: Архива