Во најголемата поплава што ја погоди Централна Европа во последните две децении, загинаа 24 лица, оштетени се згради, се урнаа мостови, штетата се проценува на милијарди долари.
Извештај на Ворлд Ведер Атрибјушн, меѓународна група научници кои ги проучуваат ефектите од климатските промени врз екстремните временски настани, покажа дека четирите дена врнежи од дожд што ги донесе бурата Борис биле најобилните досега забележани во централна Европа.
„Овие поплави ги истакнуваат разорните резултати од затоплувањето предизвикано од фосилните горива. Сè додека нафтата, гасот и јагленот не се заменат со обновливи извори на енергија, бурите како Борис ќе предизвикаат уште пообилни врнежи, предизвикувајќи поплави кои ја загрозуваат економијата“, вели Џојс Кимутаи, коавтор на студијата и истражувач во Институтот Грантам на Империал колеџ во Лондон.
Иако комбинацијата на временските шеми на бурата Борис – студениот воздух на Алпите и многу топол воздух над Медитеранот и Црното Море – е невообичаена, извештајот покажува дека климатските промени ги направија ваквите бури поинтензивни и поверојатни.