петок, 18 октомври 2024

На Косово и владата и опозицијата се за предвремени избори

Претставниците на власта и на опозицијата на Косово сметаат дека е добро оваа година да се одржат вонредни парламентарни избори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од крајот на војната во 1999 година осум пати се одржани избори на Косово, само три пати во редовниот законски рок, додека пет пати беа вонредни.

Според изборниот календар, парламентарните избори треба да се одржат следниот февруари 2025 година, но големи се шансите тие да бидат предвремени.

Претседателот на Собранието Гљаук Коњуфца и пратеничката на владејачката Самоопределување (ПС) Мимоза Кусари Лила порачаа дека „добро е да се оди на вонредни избори“.

„Не можам да ја исклучам можноста за предвремени избори“, изјави Коњуфца.

Тој рече дека од многу причини би било добро новата влада да заврши некои процеси низ кои поминува Косово.

Кусари Лила рече дека 2024 година е година со многу динамики во светот и дека тоа може да има влијание и на Косово.

Таа рече дека затоа нема да биде неразумно изборите да се одржат на крајот на оваа година, а не во почетокот на следната година.

Таа додаде дека „постои можност за разговори меѓу политичките субјекти и претседателот (на Косово) за да се најде заеднички датум“, а тоа „и не би било новост“ – доколку изборите се одржат предвреме.

Лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК) и на опозицијата во косовскиот парламент Мемљи Красниќи е убеден дека оваа година ќе биде изборна.

„Тоа веќе се гледа од изјавите и постапките на Владата и премиерот (на Косово Аљбин) Курти, од предизборните митинзи, но и од нималку коректниот и правичен начин на трошење на државниот буџет за разни субвенции што ги направија и ги планираа“, рече тој.

Тој не знае да каже кога ќе бидат предвремените избори:

„Верувам дека во 2024 година допрва ќе имаме предвремени избори, но не можам со сигурност да кажам дали тие ќе бидат во јуни, октомври, порано или подоцна.“

Пратеничката на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) Резарта Красниќи изјави дека Косово ќе оди на избори во почетокот на 2024 година.

„По Нова година веднаш ќе има избори, колку побрзо земјата излезе на избори, толку подобро затоа што граѓаните се сѐ посиромашни“, рече таа.

Како што истакна таа, има поскапување, нема укинување на данокот на додадена вредност, ниту укинување на акцизата.

И потпретседателот на Алијансата за иднината на Косово (АБК) Ардијан Џини рече дека „ако ги земеме предвид сите околности на Косово, вклучително и политичките убедувања на луѓето и идеите што ги гледаме, шансите се дека ќе имаме вонредни избори во 2024 година“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ