четврток, 21 ноември 2024

МОН: Грижа за студентите е вложувањето во комплетна обнова на студентските домови

За година и пол студентите сместени во двата студентски дома во Скопје, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, ќе добијат подобри услови за учење и живеење, а државата ќе има помали трошоци за нив. Со децении заборавените студентски домови, конечно ќе добијат ново руво, велат од Министерството за образование.

Објавено на

часот

Сподели

Почнува големиот проект за енергетски ефикасна рехабилитација на сите студентски домови во земјава, за што е обезбедена кредитна поддршка од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од ЕУ од 5 милиони евра. Неодамна беше потпишан договор со изведувачот на градежните работи, по што, веќе од јануари треба да почнат активностите на терен.

Со овој проект е предвидено да се зголеми комфорот на студентите и тие да добијат модерни простории за престој. Ќе бидат надминати проблемите со влага во некои делови од домовите, ќе се заменат водоводните инсталации како и комплетната електрична инсталација, а ќе се постават и енергетски ефикасни лед светилки. Греењето ќе се реши со нова инсталација, а секаде каде што треба ќе се промени санитаријата. Објектите во кои се сместени двата студентски дома ќе добијат енергетски ефикасни фасади, со фотоволтаици за производство на електрична енергија.

И студентите со посебни потреби ќе бидат сместени во посебно опремени соби. Во изминатите неколку години, Владата и министерството направија вистински исчекор во обезбедувањето полесна пристапност до образование за лицата со попреченост, велат од МОН.

Подобрувањето на студентскиот стандард, во делот на сместувањето на студентите кои студираат надвор од местото на живеење ќе продолжи и по комплетната рехабилитација на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“.

Во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип и студентскиот дом „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп.

Во третата фаза ќе се реконструираат студентските домови „Кочо Рацин“ во Битола и „Пелагонија“ во Скопје како и мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Од Министерството за образование и наука велат дека нивна стратешка цел е да се подобри квалитетот на образованието и преку создавање системски услови да се обезбеди секое дете и млад човек да ги оствари своите потенцијали.

„Инвестирањето во студентите и студентскиот стандард е вложување во зголемување не само на нивната лична благосостојба, туку и на просперитетот на државата каде ќе ги користат стекнатите знаења, вештини и способности. Колку повеќе граѓани имаат повисоки нивоа на образование, толку тие имаат повисоки примања, помала е невработеноста, помала и сиромаштијата, што пак, од аспект на државата, значи полесно надминување на предизвиците на 21 век“, вели министерот Јетон Шаќири.

Во последните неколку години Министерството за образование и наука обезбеди континуитет во унапредувањето на студентскиот стандард.

Воведен е субвециониран студентски оброк. Повеќе од 28 илјади редовни студенти од државните универзитети веќе трета година добиваат паричен надомест од околу 3.000 денари на месечно ниво, за купување на здрав оброк. Износот од 120 денари, во април годинава се зголеми на 140 денари, а на барање на претставниците на студентските здруженија и организации почна да се исплаќа на дневна основа.

Во 2021 година, МОН одлучи да ги изедначи износите на најголем дел од категориите на студентски стипендии, па така оние кои дотогаш земаа по 3.300, 4.000 или 4.400 денари, почнаа да добиваат по 6.050 денари секој месец. Веќе од следната година, во конкурсот за доделување студентски стипендии се воведоа и неколку нови категории на стипендии како оние за студирање на студиски програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно, студиите по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија, но и стипендиите за студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки за кои месечниот износ е 18.000 денари.

 Oд МОН најавуваат дека овој тренд на континуиран раст на поддршката кон идните академски граѓани ќе продолжи. Фокусот во следниот период е ставен на подобрување на условите за престој во студентските домови, за што, министерот Јетон Шаќири потпиша договор вреден 20-на милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ