Во големата сала на црквата беше поставена изложба на книги од македонски автори, предмети од богатото македонско културно наследство, ликовни дела од Зоран Карапанчев и цртежи од Живко Поповски-Цветин. Членовите на друштвото читаа извадоци од своето творештво и беше организирана музичка програма.
Како што соопшти организаторот на настанот, гостите ги поздрави претседателот на црковната управа во македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Борис Стоикос, и претседателот на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ – Зоран Карапанчев.
„Деновите на македонската литература и култура“ во Торотно предизвик интерес кај пошироката македонска јавност и беше посетен од бројни друштва и асоцијации, како и од управите на македонските православни цркви во Канада кои испратија свои претставници… Многумина ја збогатија својата домашна библиотека со книжевни дела од повеќе македонски автори кои таа вечер можеа да се купат“, соопшти Литературното друштво „Браќа Миладиновци“.
Друштвото е формирано на 6 март 1987 година. Првата литературна вечер ја одржало наредната година по повод 126-годишнината од излегувањето на Зборникот на Миладиновци. Од 1989 година ја организира манифестацијата „Денови на македонската култура и литература” во Торонто која се одржува секоја година во мај.