четврток, 28 ноември 2024

Македонска пошта ѝ ја „зема“ работата на администрацијата

Објавено на

часот

Сподели

„Една точка за услуги“ реално опслужуваат многу малку процеси. Направивме анализа. Заедно со АД Пошта на 333 места на ниво на државава ќе ги отвориме овие точки во кои нема да креираме нова инфраструктура, туку инфраструктурата на Пошта, и човечка и физичка. Таму ќе бидат опслужени сите граѓани на ниво на земјава со услугите што им се нудат“, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. 

Сега, појасни министерот, се трошат многу ресурси за постојните пет точки, плаќање за кирија, струја, вработени.. Тие ќе се затворат и сите такви места ќе функционираат во рамки на Пошта.

„Решението е да се отворат 333 точки без да инвестира многу. Направивме работна група со АД Пошта за брзо да се воспостават тие точки. Веќе работиме на тоа. Пошта има канцеларии во секој дел на државата, имаат вработени и добра интернет конекција, но немаат добро обучен кадар за да ги нудат сите услуги „Една точка за услуги“  и шалтер на кој ќе пишува ЕТУ. Со мала  инвестиција со еден чекор ќе се доближиме до секој граѓанин за да може да има пристап до сите услуги“, вели Алиу.

Во тек се анализи за потребните промени на законските решенија, бидејќи сегашниот закон пропишува пристап до „Една точка за услуги“ (ЕТУ) да имаат само вработените во МИОА. Во законот ќе се дополни дека таков пристап ќе имаат и вработени во АД Пошта.

Овој проект, според министерот, ќе помогне финансиски на Пошта, која кубури со финансии.

„Имаме вин-вин ситуација, доближување до сите сервиси за граѓаните со многу малку пари за обука на вработените и налепници со информација дека се нуди таква услуга. Ќе ги обучиме вработените во АД Пошта“, посочува Алиу. 

На првиот брифинг со медиумите од назначувањето на функцијата, Алиу најави дека приоритет во работата ќе му биде дигитализацијата на услугите која, како што оцени, е на ниско ниво.

„Се работи интензивно за да може секој ден да ставиме по една нова дигитална услуга. Моментално работиме на 150 такви и се надевам дека набрзо ќе почнеме да ги промовираме“, рече Алиу, потенцирајќи дека една од причините зошто тие услуги не се искористени е неинформираноста на граѓаните. 

Сегашните 96 дигитални услуги се користат многу малку, а според Алиу, администрацијата не  е обучена доволно за дигитализацијата. 

„Со дигитализацијата ќе ги подобриме услугите кон граѓаните и ќе ја намалиме ниската корупција со којашто денес граѓаните или треба да имаат некој познат или да се снајдат на друг начин во којшто ќе стигнат брзо и ефикасно до документот што им треба“, изјави Алиу. 

Приоритет му е и интероперабилноста, со која сега се опфатени само 22 од вкупно 1135 институции на ниво на државава. 

„Ако влезат уште 10 тоа ќе биде плус, дигитализацијата на процесите ниту почнала ниту ќе заврши со мене, односно ќе биде процес во којшто ќе треба да се вложи многу“, посочува Алиу. 

Коментирајќи ги проблемите со кои се соочуваат граѓаните за користење и на сегашните дигитални можности, како што се честите падови на системите, Алиу потсети дека  со програмата што ја најави неодамна МИОА „Дигитална ера“ ќе се формира агенција за дигитализација којашто ќе ги решава  проблеми, со посебен фокус на кибер безбедноста со што ќе биде чадор за заштита на сите институции. За да може да ги примени политиките за дигитализацијата со неа нема да раководи МИОА, туку Кабинетот на премиерот за да се исклучи ризикот од одбивање на политиките што ќе се бара да се применат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ