недела, 20 октомври 2024
Уставниот суд домаќин на регионална конференција

Македонија остана осамена во одговорот за заштита на сите уставни права на граѓаните

Објавено на

часот

Сподели

Кацарска појасни дека заштитата на човековите права пред судот е предвидено во само еден член од Уставот, што значи ограничени се можностите да се ползува секое наведено право во Уставот.

Таа појасни дека воведувањето на уставна жалба ќе значи унапредување на правниот систем со ново правно средство за заштита на слободите и правата. На овој начин ќе се заокружи улогата на Уставниот суд како заштитник на уставноста, законитоста и слободите и правата, но и ќе постои правен филтер пред поднесувањето на апликациите пред Европскиот суд во Стразбур. 

„Во недостаток на волја и препознавање на важноста на овој правен инструмент од страна на политичките чинители и претставници од сите партии во Парламентот, поддршката ја добивме од нашите пријатели од ИРЗ кои со одобрение од германското Министерство за надворешни работи вложија финансиско-експертски капацитети и помогнаа да се изработи студија за уставната жалба или меѓународно позната и  како уставна тужба, нагласи Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд додаде дека повеќе од 30 години во македонскиот правен систем е очигледен, како што рече, еден несмасен системски пропуст, кој задира во темелите на владеењето на правото и ја подрива уставната заштита на граѓаните.  

„Недостатокот на уставна жалба не само што ги лишува граѓаните од уште една можност да се обратат пред Уставниот суд за сите права кои ги предвидува Уставот, туку е иницијалната тема за ламентирање, како се губи довербата во системот и во државата која има изгубено бројни случаи пред меѓународните судови и на нив не треба да гледаме само како на статистика, туку како на показател за итност од воведување на уставна жалба“, смета Кацарска.

Таа рече дека изминатите триесетина години архивата на судот бележи стотици пропаднати барања, а  уставно-судската пракса во овој поглед лоцира сериозна аномалија на отсутност на заштитни механизми.

„Оттука се наметнува прашањето, колкава е придобивката на граѓаните ако знаат дека во Уставот имаат бројни права, а не може да бараат уставна заштита за сите“, нагласи претседателката на Уставниот суд.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски изјави дека уставната тужба е потврдено ефикасно средство, но во услови на непостоење на категоријата на уставна тужба, Уставниот суд има можност, уште повеќе, да ја афирмира својата улога на заштитник на човековите права и слободи и во постојните рамки. 

„Имајќи предвид дека основите и стандардите за заштита од дискриминација се значајно проширени во Европската Унија, а што најде свој одраз и во нашиот Закон за заштита од дискриминација, сметам дека Уставниот суд може уште попроактивно да се постави во оваа сфера и со оглед на уставно гарантираната независност во неговата работа самиот да постави нови стандарди. На тој начин и во отсуство на уставни измени, Уставниот суд ќе добие квалитативно нова положба и улога во заштитата на правата и слободите. 

Се сомневам дека уставната жалба може да се регулира преку Деловник, смета претседателот на германскиот покраински уставен суд на Саксонија, Винфрид Шуберт кој препорача да се донесе Закон за Уставниот суд, но сепак, рече тој, и сега има можност за воведување на овој правен механизам.

„Пожелно е да се има Закон за Уставниот суд, затоа што тоа е нешто што не е важно само за судот, туку за сите граѓани, важно е за транспарентноста. Законот за Уставниот суд би бил најдоброто решение. Но ако нема таква поддршка, вие имате регулатива преку член 57 врз чија основа може да се потпира уставната жалба и таа да се воведе во овој момент“, рече Шуберт.

Тој кажа дека во однос на уставната жалба, Сојузна Република Германија има многу добри искуства и дека 95 проценти од сите поднесоци на Сојузниот уставен суд, се уставни жалби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ