Како што објави Ројтерс, Лукашенко, кој е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, рече дека „жешките глави“ на Запад веќе слушнале сигнали за нуклеарното оружје испратено од Москва дури и пред Путин да го објави тоа на крајот од минатиот месец.
Путин на 25 септември рече дека Русија го проширува списокот на сценарија кои би можеле да ја наведат да размисли за користење нуклеарно оружје, доколку има веродостојни информации за масовен прекуграничен напад со авиони, проектили или беспилотни летала.
Лукашенко рече дека Москва ќе смета дека секој напад врз неа од страна на земја која нема нуклеарно оружје, но е поддржана од земја што има нуклеарно оружје, ќе се третира како напад од нуклеарна сила.
Оваа изјава беше одговорот на Кремљ на разгледувањето на одлуката во Соединетите Американски Држави и Велика Британија, дали да и се даде дозвола на Украина или не да истрела ракети со долг дострел обезбедени од Западот, за да погоди цели длабоко во Русија.
„Оваа доктрина требаше одамна да биде обновена“, рече Лукашенко, кој минатата година се договори со Путин да постави руско тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
Тој за новинар на руската телевизија изјави дека западните ракети веќе би ја бомбардирале таа земја доколку Западот не обрнел внимание на претходните сигнали на Путин во врска со употребата на нуклеарно оружје.
Украина ја обвини Русија за нуклеарна уцена, а нејзиниот претседател Володимир Зеленски го повика Западот да ги игнорира „црвените линии“ на Путин.
Москва рече дека нејзините предупредувања се јасни, додека Путин изјави дека САД и нивните сојузници директно ќе се борат против Русија доколку му дадат зелено светло на Киев да ги користи американските ракети АТАКМС и британските ракети „сторм шедоу“ против цели длабоко во Русија.