четврток, 24 октомври 2024

Лидерите на ЕУ им порачаа на САД: Не нè оставајте сами со Украина

Политичките судири во Вашингтон кои го доведоа во сомнеж продолжувањето на поддршката на Украина се „лоши вести“, кажа вчера шефот на дипломатијата на Европската Унија Жосеп Борел, изразувајќи надеж дека тоа сè уште не е конечен став.

Објавено на

часот

Сподели

Тој зборуваше на почетокот на самитот на Европската политичка заедница, формирана минатата година да ја забрза соработката меѓу повеќе од 40 држави, од Норвешка до Молдавија.

Се очекуваше европските лидери кои се собраа во шпанска Гранада да го уверат украинскиот претседател Володимир Зеленски во долгорочна поддршка откако претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден изрази стравување дека судирот меѓу републиканците во Конгресот може да ѝ наштети на американската политика на помагање на Киев.

Борел кажа дека Европа нема да може сама да го носи целиот товар на странската поддршка на Украина.

„Европа не може да ја пополни американската празнина“, им кажа тој на новинарите неколку дена откако републиканците во Конгресот одбија да ги одобрат мерките за привремено финансирање на Украина.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен испрати слична порака. Таа кажа дека ЕУ планира да одобри 50 милијарди евра поддршка за Украина во следните месеци, но дека помошта на Вашингтон е и понатаму клучна, пренесува Политико.

„Многу сум сигурна во поддршката на Украина од САД“, кажа таа и додаде дека она што останува нејасно е времето кога таа поддршка ќе стигне.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, изјави дека добил „лично ветување“ од Бајден дека ќе продолжи да го поддржува Киев.

По речиси 600 дена борба против руската инвазија, Украина се соочува со криза со финансирањето поради доцнењето на планираната помош од САД и неизвесноста кога точно ќе биде испорачан следниот голем европски пакет со помош.

Неколку дипломати во изминатите денови во изјави за Политико сугерираа дека политичката поддршка за одобрување 50 милијарди евра помош е силна и широка, но дека Унгарија би можела да бара одложување на конечното одобрување бидејќи сака да изврши притисок врз Брисел околу своето финансирање, кое е замрзнато поради спорот околу владеењето на правото. Какво било доцнење би можело да ја изложи Украина на недостиг во буџетот за 2024 година.

Зеленски во Гренада ги предупреди европските лидери дека Русија може да ги обнови своите капацитети и да нападне други земји во рок од пет години ако успори поддршката на Европа на Киев.

Тој додаде дека е уверен во продолжувањето на американската и европската финансиска поддршка и покрај „политичките бури“ во Вашингтон и на други места, пренесува Ројтерс.

„Не смееме да дозволиме (рускиот претседател Владимир) Путин да дестабилизира друг дел од светот и нашите партнери за да ја уништи моќта на Европа“, кажа Зеленски.

Путиновото „нуклеарно“ предупредување

Путин вчера ја најави можноста Русија да ги продолжи нуклеарните тестирања првпат по повеќе од три децении и дека би можела да ја повлече ратификацијата на договорот за забрана на нуклеарни проби.

Рускиот лидер на состанокот на меѓународниот дебатен клуб Валдај во Сочи кажа и дека Москва успешно ја тестирала ракетата на нуклеарен погон „буревестник“, за чии капацитети кажа дека се без конкуренција.

Шефот на Кремљ, меѓутоа, истакна дека нема потреба да се менува руската нуклеарна доктрина, бидејќи секој напад на Русија би предизвикал одговор во дел од секунда со стотици нуклеарни проектили кои ниеден непријател не би можел да ги преживее.

Тој кажа и дека украинската економија не може да преживее без странска помош.

Бајден и Фон дер Лаен побрзаа да го уверат Киев дека поддршката од Западот останува непоколеблива и дека помошта повторно ќе доаѓа, но порастот на противењето на републиканците ја зголеми можноста Европа сепак да мора да преземе значително поголем дел од товарот.

Зеленски кажа дека од Бајден добил „стоотстотна поддршка“ и додаде: „Сигурен сум во Америка. Тоа е силен народ со силни институции и силна демократија“.

На патот кон самитот во Гренада, премиерката на Естонија Каја Калас предупреди дека каква било перцепција дека решителноста на Западот слабее ќе му оди од рака на Путин.

„Русија сака да се замориме. Не би требало да им покажеме дека сме бидејќи мораме да издржиме колку што е потребно. Мораме да издржиме како што тие (Украинците) ја трпат војната“, кажа Калас.

На самитот се расправаше и за проширувањето на ЕУ и мигрантската криза.

„Проширување на ЕУ од 27 на 35 членки ќе создаде многу предизвици во блокот. Ќе отвориме во Гранада голема дебата која ќе нè доведе до длабоки реформи во ЕУ“, кажа привремениот премиер на Шпанија Педро Санчез.

Фокусот на разговорите на маргините на самитот беше на кризите меѓу Белград и Приштина и меѓу Азербејџан и Ерменија.

Шарл Мишел им кажа на новинарите дека ќе ги повика лидерите на Ерменија и Азербејџан на состанок во Брисел до крајот на месецот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ