Во фокусот на средбата, како што соопштија од Министерство за транспорт, било квалитетно поврзување меѓу двете земји со посебен акцент на патното и железничкото поврзување.
Вицепремиерот Николоски истакнал дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус во изградба на модерна патна и железничка мрежа, притоа потенцирајќи дека не се отстапува од автопатско поврзување меѓу двете земји. На средбата, исто така се отворила и темата за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај и изградба на заедничка железничка станица.
„Имаме добри билатерални односи со Косово и тоа се потврдува со денешната заедничка седница меѓу двете влади. Косово е наш сосед, економски значаен партнер и мораме заеднички да работиме на регионалниот развој и соработка. Со министерот Алиу разговаравме за заеднички проекти како би го забрзале економскиот развој на регионот и ќе придонесеме за подобра комуникација, олеснување на транспортот и создавање на подобри услови за граѓаните и компаниите“, истакнал заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
На средбата се раговарало и за подобрување на условите во патниот транспорт и превозот на патници. Министрите се согласиле за интензивирање на соработката и унапредување на политиките што се однесуваат на регионалното поврзување.