понеделник, 28 октомври 2024

Kултурен туризам, закони за образованието, пари за спортот, најавија министрите како дел од Платформата „100 отсто посветени за тебе “

Подготовка на програмата за туризам и фокус на културен туризам, нови закони од областа на образованието, меѓу кои и Законот за учебници, изградба на 30 спортски сали, капитални инвестиции во спортот, како и финансиски средства и помош за клубовите, федерациите и поединците се дел од приоритетните активности кои ресорните министри ги најавија во своето обраќање на настанот „Платформа: 100% посветени за тебе“ што се одржа во Владата, на тема „Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска појасни дека најголемиот проблем со кој се соочиле во Министерството се закочените институции и немање доволно финансиски средства.

„Ние некаде до јуни или јули немавме средства ниту за капиталните инвестиции, ниту пак за плати. Тенденцијата беше во тој период да ги обезбедиме тие средства со ребаланс на буџетот, за којшто имавме многу кратко време да се собереме. Значи, освен програмските активности имавме стопирани и заглавени проекти. Немавме и се уште немаме Национална стратегија за развој на културата, немаме нов закон за култура, така што она што беше примарно да се направи, е да ги обезбедиме платите коишто беа околу 273 милиони денари, за да ја завршиме годината до крајот“, рече Љутков.

Тој го спомена и Еуроимаж, потенцирајќи дека требало да бидат обезбедени 150 илјади евра за снимање на телевизиски серии за Агенцијата за филм. Како што рече, во 2024 година донесена е одлука на Влада, но ниту е потпишан договорот, ниту пак биле обезбедени средствата.

„Со силни напори, со пренамена на средства ги обезбедивме тие 150 илјади евра и очекувам во текот на наредната недела да го потпишеме договорот со европските институции и од 2025 година веќе да имаме една посериозна продукција“, рече Љутков.

Во однос на туризмот кој сега станува дел од Министерството за култура, Љутков информираше дека остануваат уште 20 дена да го преземат целиот туризам и да почнат со подготвување на заедничката програма за 2025 година.

Како што рече, во фокусот ќе биде развивање на културниот туризам, потенцирајќи дека статистички во текот на годините наназад најголем економски бенефит државата има токму од културниот туризам и од посетата на историските споменици и археолошките локалитети.

„За мене како министер и како Министерството за култура и туризам ќе ни биде приоритет развојот на културниот туризам, посебно во летниот период на транзитниот туризам, каде што имаме најголем број на археолошки локалитети, природни убавини, развој на планинскиот туризам, винскиот туризам и таму ќе се развива најмногу во тој дел и хотелиерството. Така што, мислам дека во овој период, бидејќи тој терен ни е најподготвен, фокусот ќе биде развојот на транзитниот туризам“, додаде Љутков.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во своето обраќање посочи дека ќе продолжи изградбата на факултетите, како и на студентските домови.

„Дополнително, ќе продолжиме со градење на инфраструктурни објекти вклучувајќи ги и спортските сали. Ќе продолжиме со изградба на околу 30 спортски сали за здрав психофизички развој на учениците и студентите. Вложувањата во образованието продолжуваат со силен интензитет и воопшто немаме намера тој интензитет да го намалиме. Со Министерство за спорт имаме дополнителни активности со кое заеднички ќе работиме и ќе функционираме. И со министерот за култура имаме многу сериозни разговори, со цел да направиме еден спој меѓу образованието и културата“, рече Јаневска.

Таа најави дека многу брзо ќе се носат нови закони, меѓу кои и Законот за учебници.

„Вие веќе знаете пет нови закони, сега додаваме шести нов закон, Закон за учебници, после што следат нови дополнителни подзаконски акти, нови концепции, а можеби и нови учебници, во зависност од тоа што ќе каже Бирото за развој на образованието и Центарот за стручното образование. Се случува да имаме учебник од 20 страници, со десетина страници слики за теми кои се многу сродни. Се што сме имале одобрено, максимално сме искористиле и максимално сме печателе“, додаде министерката.

Таа потврди дека нема одредени учебници за трета и четврта средно стручно образование, но како што подвлече, доколку бидат одобрени, тогаш ќе бидат печатени.

„Ако не бидат одобрени, ќе размислуваме и за други опции за обезбедување на учебници“, рече Јаневска.

Според Јаневска, исклучително важно за државата е да има што е можно помалку политички промени во образованието.

„На Македонија ѝ е потребна декларација во која сите политички чинители ќе се согласат дека промените се неопходни, но во мал процент соодветен на потребите, а не според замислите на одредени влади или политики. Тука ќе ги поставиме критериумите и принципите по кои ќе се одвива образованието во еден среднорочен, по можност и долгорочен период“, додаде министерката.

Таа потсети и на покачувањето на платите на наставниците, што според министерката претставува сериозен придонес во образованието.

Министерот за спорт Борко Ристовски, во своето излагање рече дека се фокусираат на враќање на довербата во институцијата Министерство за спорт. Тој напомена дека обезбедуваат финансиски средства и помош за клубовите, федерациите и поединците, а отворија и нов проект насловен „Поддршка на врвен спорт“.

„Направивме комплетно будење на институциите на вработените, една комплетна анализа на се она што било направено. Отворивме нов проект ‘Поддршка на врвен спорт’. Под врвен спорт ги подразбираме сите оние екипи и поединци кои се натпреваруваат на меѓународна сцена и тие добија дополнителна помош од 84 милиони денари. Во текот на неделата ќе ги исплатиме заостанатите 550 милиони денари помош од државата за клубовите, федерациите и поединците кои не беа исплатени од претходната Влада“, рече Ристовски.

Тој најави дека до крајот на годината ќе биде отворена уште една нова програма, која ќе значи развој на женскиот спорт, развој и поддршка на млади таленти.

„Ќе ја затвориме оваа сезона со навистина сериозна сума на средства, која што вкупно брои 14 милиони евра. До завршувањето на фискалната година ќе поминат околу шест месеци. Тоа значи дека Владата и Министерството за спорт за неполни шест месеци ќе подели околу 14 милиони евра во спортот, што беше мисловна именка за минатата власт“, додаде Ристовски.

Напомена дека фокусот на Министерството за спорт е и на капиталните инвестиции. Како што рече, до крајот на 2024 година ќе почнат осум капитални објекти, дел се нови, а дел се реконструкција на објектите важни за спортот.

Како што рече, меѓу нив е реновирање на спортската сала Расадник, отпочнување на нова атлетска патека во Гевгелија, реновирање на спортска сала во Ново село.

Модерна, современа, енергетски ефикасна градба, и добри курикулуми за настава ќе бидат вложени во кампусот на Универзитетот Мајка Тереза, а предвидено е да ги довршиме и факултетите ФИНКИ и Факултетот за физичка култура (ФФК), најави премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани.

„Универзитетот Мајка Тереза е најмлад универзитет и е дел од образовната политика на оваа Влада и се разбира дека треба да се поддржи и дека треба да се вложи и да се направи модерна, современа инфраструктура и тоа не само инфраструктура, туку и добри наставни планови, да излезат добри студенти, зашто ние како општество ќе имаме бенефит од сето тоа“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека освен овој кампус ќе се завршат и двата недовршени објекти: на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура.

„И ќе ги довршиме сите објекти кои долго време се споменици. Мораме тоа да го завршиме, затоа што тоа го очекуваат од нас граѓаните, бидејќи лошо делува центарот на главниот град, мораме тоа да го завршиме за да имаме пристојно место за живеење. Така што, за овие четири месеци имаме движење и очекувам во следните четири месеци да имаме прогрес на теренот. Сакаме да вложуваме во образованието и ќе продолжиме“, рече Мицкоски.

Освен на двата објекти, Мицкоски најави дека треба да се интервенира и на зградата на Народната банка и ќе биде потребно да се продолжи рокот за градење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ