Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел, кој го прими својот ирански колега во Палатата на револуцијата, изрази желба сојузот со Техеран да овозможи „заеднички отпор кон агресивната политика на царството“, алудирајќи на САД. Иран и Куба „треба херојски и цврсто да им се спротивстават на санкциите, притисоците, заканите, ембаргото и рамнодушноста на империјализмот на Јенките и нивните сојузници“, рече Дијаз-Канел.
„Условите и околностите во кои се наоѓаат Куба и Иран имаат многу допирни точки“, истакна иранскиот претседател, велејќи дека во двете земји „постои подготвеност да се зачува независноста“, според официјалниот превод. Иран и Куба се под американски санкции и се на списокот на американскиот Стејт департмент на земји што го поддржуваат тероризмот.
Ебрахим Раиси, чија средба со кубанскиот претседател беше одложена за еден ден поради доцнењето со пристигнувањето во Хавана во средата вечерта, на Куба ја завршува минитурнејата низ Латинска Америка во „пријателските земји“. Тој го почна своето патување во Венецуела во понеделникот и продолжи во Никарагва. Сите три земји се под санкции на САД и ѝ се сојузници на Москва.
Во Хавана двајцата претседатели потпишаа договори за соработка во областа на царината, телекомуникациите и правосудството. Раиси вчера попладне учествуваше на економскиот форум на кој рече дека неговата земја е подготвена да „соработува со Куба на полето на науката и технологијата“, особено во изградбата на хидроелектрични централи, термоцентрали и во рударската индустрија.
Во Венецуела потпиша 25 договори во секторите образование, здравство и рударство. Во Никарагва тој парафираше „фундаментален меморандум“, кој треба да ја поттикне економската, трговската и научно-техничката соработка. Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан ја посети Куба во февруари. Последната посета на некој ирански претседател во Хавана беше онаа на Хасан Рохани во 2016 година.