Од неговиот кабинет потсетуваат дека посетата на премиерот на Косово, Аљбин Курти е приватна посета, и за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан одговорен е организаторот.
Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.
„Сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните одбележја како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот. Република Северна Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот.
Иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, не се согласуваме со преименување на улица која го носи името на херојската Втора македонска ударна бригада.
Посочуваме дека локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури“, се вели во реакцијата на кабинетот на премиерот Ковачевски.