петок, 22 ноември 2024

Корупцијата и неспроведените реформи во правосудството, главни забелешки во Извештајот на ЕК

Нема напредок во борбата со корупцијата и реформите во правосудството, констатира Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на Македонија што денеска беше објавен во Брисел. Освен ова ЕК констатирала дека процесот на преговори за пристапување на Македонија во ЕУ бара широк консензус од главните политички партии, кои треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата за да се зајакне улогата на Парламентот. ЕК смета дека генерално, во Македонија има услови за одржување на демократски избори, но забележува дека не е постигнат напредок за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Македонија е пофалена дека има добар напредок во усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и дека е добро подготвена во однос на зелената агенда, животната средина и климатските промени.

 

Објавено на

часот

Сподели

Нема напредок во правосудниот систем во Македонија, пишува во годишниот Извештај на Европската комисија (ЕК). Судскиот совет е издвоен во извештајот за контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева.

„Тоа предизвика грижи за штетно политичко влијание“, пишува во Извештајот.

Нема напредок ниту во превенцијата и борбата против корупција.

„Корупцијата останува распространета во многу области и предизвикува грижи. Судењата за висока корупција се одложуваат и враќаат на повторно судење, што во некои случаи резултира со застарување на делата“, констатира ЕК во Извештајот.

Европската комисија смета дека експресно донесените измени на Кривичниот законик за намалување на максималните казни за случаите на корупција штетно влијаат на способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела.

Што се однесува до работата на Парламантот, ЕК констатира дека „Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и да ги спроведат како приоритет релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите“.

ЕК оценува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација која „дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања“ како и несоодветно брзо донесување на закони. ,

„Во некои случаи има прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на брзите процедури и на процедурата за европско знаменце, поради недостигот на консултации и лошо планирање на законодавниот календар. ‘Европското знаменце’ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојувањето на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратење на јавната дебата за важни прашања“, се потенцира во извештајот. 

Според Комисијата, потребна е брза имплементација на препораките од Групата држави против корупција (ГРЕКО) за да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии. Комисијата уште забележува дека Парламентот треба да обезбеди навремено разгледување на законските извештаи што му ги испраќаат државните агенции и органи и да го зајакне својот капацитет за парламентарен надзор над разузнавачките служби. 

ЕК смета дека генерално, во Македонија има услови за одржување на демократски избори но забележува дека не е постигнат напредок за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Според комисијата, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира.

Според ЕК, Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформите во јавната администрација и постигнат е ограничен напредок со усвојувањето на новата стратегија за реформа на јавната администрација и придружниот акционен план во јули 2023 година.  

„И покрај тоа што процесот започна пред пет години, земјата сѐ уште не ја усвои ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да помогне да се обезбедат вработувања, унапредувања и отпуштања врз основа на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство. Законодавството сѐ уште не ги прифатило препораките на ДКСК за непотизам и политичко влијание при регрутирањето на вработените во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управните одбори. Подобрувањата во отчетноста во јавната администрација се поткопани со неусвојувањето на новиот Закон за државна организација. Тековни се напорите за подобрување на испораката на услуги за граѓаните и бизнисите“, се наведува во Извештајот на комисијата. 

Според ЕК, невладиниот сектор генерално работи во поволно опкружување, но потребно е вклучување на граѓанското општество во приоритетните области и консултативни активности и тоа да игра важна улога во реформскиот процес. 

Македонија е пофалена дека има добар напредок во усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Постоечките билатерални договори треба да се имплементираат со добра волја од сите страни, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија“, препорачува Европската комисија.

Во однос на регионалната соработка, во извештајот се вели дека земјата одржува добри односи со другите земји кандидатки за членство во ЕУ.

Исто така Македонија е добро подготвена во однос на зелената агенда, животната средина и климатските промени.

На денешната прес конференција, претседателката на ЕК, Урсула фор ден Лаен објави дека Европската комисија донела одлука да му препорача на Советот на ЕУ почеток на преговорите со Украина и Молдавија, Грузија да добие статус на земја кандидат за членство, а Босна и Херцеговина да добие препорака за отворање преговри но само откако ќе ги исполни претходно дадените критериуми.

Претседателката на Европскта комисија, Урсула фор ден Лаен кажа дека проширувањето на Европската унија (ЕУ) е историски повик за Унијата.

„За Европската Унија проширувањето е од витлано значење и нејзиното комплетирање е наш историски повик. Сите знаеме дека географските, историските и заедничките вредности нѐ поврзуваат, а проширувањето има геополитичка, политичка и економска логика. Од проширувањето бенефит има и ЕУ и другите држави. Сите сме победници. Бенефит има бизнисот кој има пристап до нашиот слободен пазар, а ние како ЕУ стануваме поконкурентни. Граѓаните исто така може да патуваат. Проширувањето е исто така вложување во нашата безбедност затоа што со внесување на земјите кандидатки во ЕУ тие се штитат од продорот на надворешните влијанија и со тоа се стабилизира состојбата на нашите соседи“, рече фон дер Лаен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ