На 27 април 1952 година во Битола е роден големиот македонски драматург Горан Стефановски, а тоа беше повод за организање на овој несекојдневен настан во Битола.
Претходно во кристалната сала на Офицерски дом во Битола, пред голем број на присутни актерот Борис Чоревски, евоцираше спомени и изведе делови од драмите на Стефановски во кој самиот настапувал.
„Да беше жив, на оваа дата ќе го славевме неговиот 71 роденден. Прерано не напушти, во својата 66 година од животот. Но, некои луѓе имат само дата на раѓање, а ние како битолчани, овој човек треба посебно да го славиме. Така, во заеднички разговор со неговиот брат Влатко Стефановски, кој е наш драг пријател се роди идејата во негова чест и датата кога се роди нашиот Шекспир, да организираме концерт во неговиот роден град, истакнуваат од Божиновски часовници и накит кои стојат како организатори на овој концерт. Малку историја…“, рече Љубица Ангелкова за овој настан.
„Луѓето од театарот во Битола знаат за тоа каде е роден Горан, но се надевам дека и сите битолчани знаат за тоа. Скопје и Општина Центар секоја година организираат настани во Дебар Маало, но еве ред беше да направиме нешто и во Битола и да одбележиме датумот на неговото раѓање“, додаде Влатко Стефановски.
Тој во чест на брат му, кој почина пред неполни пет години, ја отсвири „Јано мори, севдалино“, за која рече дека му била омилена песна од македонските староградски. Пееше и свиреше песни од „Битлси“ зашто, како што рече, Горан бил можеби еден од најголемите обожаватели во светот на овој британски култен бенд. Потоа свиреше песни од Боб Дилан, како и свои инструменталки, македонските народни песни „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, хитовите „Џипси сонг“, „Чукни во дрво“.