вторник, 22 октомври 2024
Реакција

Клиниката „Козле“ тврди дека кај нив е направено сè што е потребно за лекувањето на 14-месечното бебе кое почина

Директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, Козле заедно со стручниот колегиум денес испратија реакција до медиумите во која велат дека за 14-месечното бебе е направено се што е потребно, откако било примено на Клиниката. Наспроти ваквите тврдења, министерот за здравство Арбен Таравари денес изјави дека лекарите направиле пропусти во лекувањето кај бебето.

Објавено на

часот

Сподели

Реакцијата на доктор Каролина Симоновска и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, „Козле“ ви ја пренесуваме во целост од почеток на лекувањето на детето, па се до неговото префрлување во друга здравствена институција.

Сакам повторно да нагласам дека како директор на Универзитетската Клиника за респираторни заболувања кај децата Козле веднаш формирав стручна комисија на клиниката која го разгледа целиот случај и не најде никаков лекарски стручен пропуст во третманот, следењето и лекувањето на пацентот. Веднаш потоа се состана во два наврати и стручниот колегиум кој се согласи со извештајот на комисијата на клиниката (во прилог е доставен детален извештај од клиниката со бројна медицинска документација која сведочи за превземената лекарска грижа, истата е доставена уредно и до министерството за здравство и во лекарската комора).

Уште еднаш би сакала да информирам дека пациентот во нашата клиника е веднаш прифатен, направени се бројни анализи, поставен на терапија според интерните протоколи на клиниката, постојано следен, мониториран и под кислородна подршка која е контролирана и мониторирана а поради невообичаеното рапидно и прогресивно влошување на состојбата на детето, истото беше препратено на КДБ по претходен договор и најава со дежурниот педијатар, со организиран транспорт на ИМП во придружба на лекар и медицинска сестра, во согласност со интерниот протокол за префрлување на болно дете во друга институција за продолжување на лекувањето.

Стручната комисија како и едногласноста на колегиумот се мој императив дека во нашата клиника е превземено се во третманот на детето.

Истовремено сакам да информирам дека како директор на оваа клиника во тек на само 2.5 месеци превземени се сериозни организациски чекори, план и првична програма за реорганизација на одделот за интензивна нега и терапија, според законските прописи дадени од АКЗУМ. Унапредување на одделот со детален план за доопремување со апаратура за неинвазивна и инвазивна респираторна подршка и веке е договорен тим на лекари специјалисти кои ќе бидат испратени на адекватна обука.

Клиниката за респираторни заболувања кај децата, Козле поседува интерни клинички протоколи според Медицината базирана на докази кои се спроведуваат децении наназад кај сите наши пациенти“.

Десет дена по настанот со починатото бебе, стручниот колегиум на ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата-Козле испрати соопштение во кое вели дека искрено жали и изразува сочувство до семејството за загубата на нивното дете.

Четиринаесетмесечното бебе почина пред две недели на Клиниката за детски болести.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ