четврток, 21 ноември 2024

Кинескиот ровер „Журонг“ откри нови показатели за вода на Марс

Теоријата дека Марс, некогаш, до една третина од површината бил покриен со океан – е предмет на дебата меѓу научниците со десетлетија… Но, кинески ровер „Журонг“ сега пронашол нови показатели што укажуваат дека таа теорија е вистинита.

Објавено на

часот

Сподели

Водачот на истражувањето, Бо Ву од Политехничкиот универзитет во Хонгконг рече дека голем број геолошки својства на истражуваното подрачје укажуваат дека тука постоел голем океан. Во 2021 година, кинескиот ровер слета на рамнина на северната полутопка на соседната „Црвена планета“ – во областа Утопија, каде што претходно имаше показатели за присуство на вода. Оттогаш, вселенскиот уред ја пребарува и испитува површината. Новите откритија се претставени во напис во списанието „Сајентифик рипортс“ (Scientific Reports).

До слични показатели дошле и претходните истражувања, особено во областите каде од височина биле забележани конусни возвишенија што личат на кратери. Тие најверојатно потекнуваат од водни и калливи вулкани што се обликуваат каде што имало вода или мраз.

Податоците собрани од роверот, како и сателитски снимки, споредби и анализи направени на Земјата – откриваат дека брегот на тој океан веројатно бил во Утопија.

Кинеските научници проценуваат дека океанот настанал пред 3,7 милијарди години, а потоа замрзнал и создал вдлабнатини, а исчезнал пред околу 3,4 милијарди години. Сепак, Бо истакнува дека неговиот тим „не тврди оти новите наоди се дефинитивен доказ“ дека на Марс имало океан. Тие би можеле да дадат такво тврдење, само со мисија која ќе ги донесе примероците од карпите на Марс на Земјата за да бидат анализирани.

Бенџамин Карденас од Универзитетот на Пенсилванија во САД, кој анализирал други податоци за океан на Марс, вели дека е скептичен за новиот наод. Истражувачот верува дека кинеските испитувачи не ги земале предвид силните ветрови на Марс коишто можеле да носат седимент и да ги измазнуваат карпите во изминатите неколку милијарди години, и кои сè уште беснеат низ Марс. Честопати мислиме дека на Марс, како и на Месечината, нема многу активност, но тоа не е така, додаде Карденас.

Претходните студии покажаа дека дури и бавната ерозија на Марс во долги временски периоди може да ги уништи географските одлики на крајбрежјето на океанот. Бо признава дека ветровите можеле да влијаат и „да ги отстранат“ знаците што би укажувале на прастариот океан, а исто така, вели оти и ударите од метеорити можат да ископаат подземни карпи и да подигнат седимент на површината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ