Се чини дека проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан е во полн ек. Меѓутоа, кога ќе загребете под површината, сликата не е толку розова. Магијата на понудите на ЕУ не функционира, а бројот на земјите што меркаат алтернативи за членство се зголемува. Политичките лидери веруваат дека постои трет начин, на кој земјите можат да профитираат од блиските економски врски со ЕУ без да ги прифатат барањата поврзани со пристапот.
Овој модел, кој прва го усвои Србија, добива на популарност и во другите делови од регионот.
Западен Балкан не може да се жали на недостиг од внимание на Европската Унија. Германскиот канцелар Олаф Шолц на 14 октомври беше домаќин на десеттиот годишен самит на Берлинскиот процес, платформа за соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан. Шесте земји од регионот, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С Македонија и Србија, потпишаа акционен план за заеднички регионален пазар. ЕУ обезбедува напредок преку промовирање на интеграцијата меѓу земјите од Западен Балкан како предуслов за пристапувањето, визија на Берлинскиот процес поставена пред десет години од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
Охрабрува изјавата на Шолц дека шесте земји од Западен Балкан би можеле да влезат во ЕУ во следните десет години. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, го повтори истиот тон, истакнувајќи го планот за раст од шест милијарди евра, чија цел е да се подобри поврзаноста и да се охрабрат реформите компатибилни со членството во ЕУ.
Сепак, изгледот може да измами. Политичката динамика меѓу Брисел и регионот, во најдобар случај, е мешовита. Додека некои земји напредуваат кон ЕУ, други се заглавени.
На 15 октомври, Албанија и ЕУ ја одржаа својата втора Меѓувладина конференција (ИГЦ) во Луксембург, што претставува клучен чекор во пристапните преговори. Тирана успеа да ги отвори првите пет поглавја од преговорите, таканаречениот основен кластер. Ова опфаќа теми како што се судските реформи, борбата против корупцијата и преиспитување на секторот за јавни набавки, кои се неопходни за зачувување на демократијата и владеењето на правото.
Водејќи повеќекратна надворешна политика, Србија добива многу кинески инвестиции и ужива блиски врски со Русија. Со други зборови, постои живот и надвор од процесот на пристапување во ЕУ
Сепак, чувството во Луксембург беше малку горчливо. Особено беше забележливо отсуството на една земја: С Македонија. Скопје останува во лимбо. Во 2022 година, С Македонија заедно со Албанија ја одржа првата меѓувладина конференција (ИГЦ) за формално отпочнување на пристапните преговори. Две години подоцна, двете држави се раздвојуваат бидејќи македонската влада не сака да го исполни барањето на ЕУ Скопје во уставот на земјата да внесе референца што се однесува на бугарската заедница. ВМРО-ДПМНЕ, десничарската националистичка партија што победи на овогодишните парламентарни избори во С Македонија, гласно се противи на она што го смета за бугарска уцена.
С Македонија веќе го промени своето име под притисок на Грција и очекуваше брз пат за членство во ЕУ. Сепак, сѐ што доби Скопје за возврат беше вето од друга соседна земја, а можеби и не последно, посочуваат скептиците.
Премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски, затоа сака повторно да преговара со Софија. Дајте да ја усвоиме уставната измена, вели тој, но да го одложиме нејзиното спроведување додека сите членки на ЕУ не го ратификуваат договорот за пристапување на С Македонија. Одговорот на Бугарија е дека нема преговори за амандманот и дека тоа е дел од заедничкиот став на ЕУ, а не билатерална работа. Земете сѐ или оставете сѐ, вели Софија. Во говорот на 15 октомври, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја навести можноста за компромис во иднина. Сепак, нема суштински промени во ставот на Брисел.
Во меѓувреме, Мицкоски и другите размислуваат за алтернативи. Примерот со соседна Србија добива на популарност. Поради нерешениот спор со Косово, Белград исто така не напредува кон својата прокламирана цел за влез во ЕУ. Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ изгради профитабилен однос со клучните членки на ЕУ и политичари, вклучувајќи ги Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и, особено, популистичкиот премиер на Унгарија Виктор Орбан. Водејќи повеќекратна надворешна политика, Србија добива многу кинески инвестиции и ужива блиски врски со Русија. Со други зборови, постои живот и надвор од процесот на пристапување во ЕУ.
Се чини дека македонската влада се согласува со тоа. Минатиот месец таа му посла црвен тепих на Орбан, кој донесе кредит од 500 милиони евра, проследен со големо медиумско внимание. Постои сомнеж дека парите доаѓаат од Кина, а не од Унгарија, чија фискална состојба е далеку од оптимална. Дел од парите ќе бидат инвестирани во сообраќајниот коридор север-југ што ја поврзува С Македонија со Србија и Унгарија. Вториот дел од коридорот е брзата железничка линија Белград-Будимпешта финансирана од Кина. Парите од кредитот ќе бидат насочени и кон општините во С Македонија, зајакнувајќи ја позицијата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори во земјата.
Граѓаните на С Македонија, особено гласачите на Мицкоски, го поздравуваат пријателството со Србија и Унгарија. Комшиските врски одат рака под рака со разочарувањето од ЕУ, чија популарност опадна поради пречките на патот кон пристапувањето. Во меѓувреме Србија добива на значење, а Вучиќ редовно е на врвот на листата на популарност на странските лидери.
Луѓето што ги водат Србија и С Македонија го чекаат исходот од американските претседателски избори во ноември. Јавна тајна е дека лидерите на тие земји го поддржуваат Доналд Трамп, слично како и Орбан, кој е икона меѓу трампистите во американската Републиканска партија. Оваа игра на чекање го слабее влијанието на ЕУ. Зошто денес лидерите на Западен Балкан би ги слушале повиците на Брисел, Берлин или Париз, кога утре Соединетите Американски Држави би можеле да влезат во играта и да го променат односот на силите?
Нема сомнение, постојат ризици и за С Македонија, вели Карнеги ендаумент. Продолжувањето на застојот со ЕУ може да ги заостри меѓуетничките односи. Етничките Албанци веќе креваат тревога поради неодамнешната одлука на Уставниот суд на С Македонија за укинување на етничките квоти во јавните институции во земјата. Албанците, исто така, стравуваат дека значајниот закон од 2017 година со кој албанскиот стана официјален јазик во С Македонија може да се најде на удар.
Луѓето што ги водат Србија и С Македонија го чекаат исходот од американските претседателски избори во ноември. Јавна тајна е дека лидерите на тие земји го поддржуваат Доналд Трамп
Засега, коалицијата ВЛЕН, група политички партии на етнички Албанци, е задоволна што останува во владејачката коалиција во С Македонија и профитира од можностите што тоа ги носи. Сепак, притисокот од Демократската унија за интеграција, која е најголемата партија на етничките Албанци во земјата и моментално во опозиција, може да го принуди ВЛЕН да бара отстапки од ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа сценарио би се зголемиле тензиите, што би било предупредувачки знак за ЕУ.
Идејата дека постои алтернатива за членството во ЕУ може да се соочи со тежок тест на реалноста. С Македонија веќе беше во слична позиција. Од 2006 до 2016 година, државата помина една деценија на ничија земја бидејќи Грција ги блокираше нејзините аспирации за ЕУ. Немаше прилив на странски инвестиции надвор од ЕУ, која е убедливо најголемиот економски партнер на С Македонија. Заробувањето на државата стана неконтролирано, додека судирите меѓу македонското мнозинство и албанската заедница периодично го растргнуваа општеството. Притисокот растеше во форма на граѓански протести, сѐ до падот на владата на ВМРО-ДПМНЕ во почетокот на 2017 година.
Слично сценарио може лесно да се повтори, само што С Македонија го нема луксузот да изгуби уште една деценија.
Јасно е дека ЕУ нема волшебно стапче за решавање на проблемите на С Македонија, од корупцијата на високо ниво до нестабилните меѓуетнички односи. Што ќе се случува понатаму зависи од волјата на граѓаните, особено на избирачкото место. Сепак, исто така е јасно дека, како што стојат работите, членството во ЕУ ја претставува најдобрата достапна понуда. Владата во Скопје може да го одбие тоа, било од чисто практични или од морални причини. Сепак, отфрлањето на ЕУ би било опција што би значела загуба и за Унијата и за С Македонија, како и за остатокот од Западен Балкан.